Вреднување на трудот, потпишување нов договор со Фондот за здравство на кој чекаат 15 години и враќање на аконтацијата, побараа приватните стоматолози, на денешниот протест пред Министерството за здравство. Тие се пожалија дека долги години се игнорирани од надлежните институции.
Петнаесет години ние специјалистите стоматолози се обидуваме со подршка на Стоматолошката комора да преговараме со Фондот за здравство, меѓутоа сето е безуспешно, иако знаат дека нашите договори се од 2007 година. Специјалистите стоматолози немаат право на боледување, бидејќи ние немаме замена и работиме по учинок, вели д-р Верица Димовска- претседателка на Здружението на специјалисти стоматолози.
Лани со одлука на Министерството за здравство беа затворени стоматолошките ординации како најзагрозена дејност во Ковид пандемијата и им беа доделени аконтативни сретства. Но, иако пандемијата сѐ уште трае, средствата во јуни биле вратени во Фондот, дополни Димовска.
Протестот го подржаа од Стоматолошката комора, од каде рекоа дека животниот стандард им е во пад, а цените на нивните услуги се непроменети од 2006 година.
Поднесовме како Комора, Правилник за измени на Правилникот за плаќање во стоматолошките ординации. Тој беше усвоен од Фондот за здравствено осигурување, меѓутоа до ден денес од страна на министерот не е потпишан, вели д-р Оливер Манасиев, претседател на Собранието на Стоматолошката комора.
Претставници на стоматолозите и Комората отидоа на средба кај министерот за здравство, Филипче, кој, како што рекоа ги подржал нивните барања.
Утре ни закажа состанок со директорот на Фондот. И тој заедно со нас ќе дојде. Таму да ги разгледаме барањата за да можеме да го решиме проблемот, изјави д-р Дејан Попоски од Здружението на специјалисти стоматолози.
Доколку барањата не им бидат исполнети повеќе здруженија на стоматолози ќе протестираат, се заканија од протестот.
Сотир Трајков