По информациите дека лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, во преговорите за приклучувањето на партијата на мнозинството, од премиерот Заев побарал владата да испрати барање до ЕК за испраѓање на експерти кои ќе направат мониторинг на случаите за кои Алтернатива се сомнева дека има сомнежи за политички влијанија, Судскиот совет соопшти дека нема информации за формирање некаква меѓународна комисија за мониторинг на судски случаи, но има право и обврска да укаже на доследно почитување на законите и судските одлучи.
Во врска со најавата за евентуална проверка на завршени предмети и донесени правосилни пресуди, Судскиот совет укажува дека во Законот за кривична постапка, Законот за парнична постапка, како и други процесни закони, јасно е предвидено под кои услови може да има повторување на постапката за одреден предмет или кој суд е надлежен за укинување на одредена пресуда. Како и со каква цел ќе се формира меѓународна комисија Судскиот совет нема информации, но има право и обврска да укаже на доследно почитување на законите и на судските одлуки, велат од Судскиот совет.
Станува збор за случаите како „Монструм“, „Алфа“, „Диво Насеље“, „Алмир Алиу“, кои беа спомнати и од партискиот портпарол Муртезани по завчерашната одлука на Централното собрание на партијата за влез во владата.
Согласно законодавството, обвинетите во кривичната постапка и странките во граѓанската постапка имаат можност за судење во три степени во кои третиот степен е Врховниот суд кој исто како и второстепениот Апелационен суд има можност да поништи определена судска пресуда или одлука. Од погоре спомнатите случаи „понудени” за меѓународна проверка, случајот Монструм за петкратното убиство на Смилковско езеро ја помина таа патека и Врховниот суд ја поништи првата пресуда. Но, и во вториот процес, резултатот беше сличен со три пресудени доживотни казни.
Втора можност предвидена со Устав и закон е доколку за определен судски предмет се обезбедат нови, дотогаш непознати, докази во полза на обвинет, тој има право да бара ново судење.
Меѓународна анализа или интервенција во судски предмет не е предвидена со позитивните законски прописи.