Македонија Најважни

Ескобар со поддршка за евроинтеграција на Македонија

САД работат со европските партнери на брза интеграција на Македонија во ЕУ,тврди  заменик помошникот на Државниот секретар на САД за Западен Балкан. Габриел Ескобар, кој денеска се сретна со македонскиот државен врв,  рече дека, истражуваат и можности за зајакнување на водечкото место на Македонија во меѓународните односи, за да се најде решение за прашањата кои се предизвик за Алијансата и за регионот на Балканот и Европа во целост.

Сакам да ја изразам силната поддршка на нашата влада за европска интеграција на Северна Македонија. Работиме со европските партнери за да обезбедиме дека тоа набрзо ќе се случи, порача Ескобар.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, изјави дека САД се посветено ангажирани за побрзо да се изнајде решение со Софија, бидејќи тоа е од нивни стратешки интерес. Тој лично нема намера да ги спушта очекувањата – во декември да има одлука за почеток на преговорите со ЕУ. Но, доколку тоа не се случи на тој датум, вели дека има уште надеж до крајот на словенечкото претседателство, кое завршува заедно со годината.

На средбата со премиерот, пак, Заев го запознал гостинот со актуелната политичка состојба во земјата. Од владата соопштија дека,на средбата била дадена поддршка на САД за изнаоѓање на заеднички прифатливи одговори за билатералните прашања меѓу Македонија и Бугарија.

Ескобар денеска се сретна и со вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров и со претседателот Стево Пендаровски. Од кабинетот на шефот на државата соопштија дека, Пендаровски му се заблагодарил на Ескобар за поддршката на американската администрација.

Ескобар неодамна во обраќањето пред Комитетот на Претставничкиот дом за надворешна политика на САД се заложи Македонија и Албанија да ги почнат преговорите со ЕУ пред крајот на годинава.Со тоа, рече, ќе се отфрли разочараноста на населението во регионот од европските политики и ќе се запре злонамерното влијание на државите кои работат против проширувањето на ЕУ во Западен Балкан. Укажа и дека Скопје и Тирана ја завршиле тешката работа што се барала од нив и оти процесот треба да почне без одложување.

Од јануари, во следните шест месеци со Унијата ќе претседава Франција, каде во април ќе има претседателски избори. За да се тргне блокадата од преговарачката рамка, се очекува решение со Бугарија, но таму уште не е формирана нова влада.

Победниците на изборите најавуваат поконструктивен пристап, но без конкретни рокови за решение. Реизбраниот бугарски претседател, Румен Радев, засега останува на тврдите позиции и смета дека Македонија, а не Бугарија е таа што мора да покаже европска зрелост.

Далиборка Дамјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Обинителство отвори истрага против пет лица за убиството во Штип

Дејан Дејан

(Видео) Влатко Стефановски со концерт во Скопје одбележа 50 години музичка кариера

Дејан Дејан

Врзан за бандера бара правда и помош за настраданите во Кочани

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе