Актуелниот генерален секретар нема амбиции да седне на местото на Заев, доколку Извршниот и Централниот одбор на СДСМ утре му ја прифатат оставката. Премиерот во петокот најави дека утре ќе ја поднесе оставката, а доколку му биде прифатена,нов претседател ќе се бира на внатре-партиски избори. Заедно со претседателот, ќе мора да си замине и целото раководство на партијата.
За претседателската позиција нема да се кандидира ниту министерот Оливер Спасовски, кој смета дека Заев треба да си остане и на партиската и на премиерската функција.
Потпретседателката на СДСМ, Мила Царовска, пак, не сакаше да шпекулира за наследникот на Заев.
Според партискиот статут, одлуката за распишување на внатре-партиски избори ја носи Извршниот одбор најдоцна 15 дена по престанокот на функцијата. Изборите се непосредни, со тајно гласање на сите пријавени членови. Новиот претседател, како што најави и Заев, треба да биде и мандатар на новата влада.
На средбата во петокот, тој дојде со заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски, кој е член на Извршниот одбор и колега на премиерот од факултетските денови. Викендов тој не сакаше да коментира за медиумите дали се гледа себеси како иден мандатар. Рече дека учествувал во разговорите со Гаши со цел да се обезбеди мнозинство кое ќе ја води земјата напред.
Дали мнозинството ќе биде обезбедено со Алтернатива, ќе се знае утре, по состанокот на партиското шретседателство. За нивниот влез во владата нема противање во ДУИ, но наводно се` уште не разговарале за тоа, што би добиле за возврат. Вицепремиерот Артан Груби изјави дека се согласиле оти во парламентарното мнозинство се добредојдени сите партии кои се за решенија кои ќе овозможат почеток на преговорите со ЕУ.
Далиборка Дамјанска