Обвинителот Хазби Исеини од гостиварското јавно обвинителство е избоден со нож, рано утрово во гостиварско Чегране.
Првичните наоди се дека станува збор за инцидент предизвикан од недоразбирања во сообраќај, но обвинителството процени дека станува збор за обид за убиство.
За нападот се дозна по соопштение на Јавното обвинителство:
Утринава во 5:30 часот во гостиварското село Чегране, бил извршен обид за убиство на јавен обвинител, соопштија од Oсновното јавно обвинителство Гостивар. Обвинителот се здобил со убодна рана на грбот, откако бил нападнат со нож, по претходна расправија околу недоразбирање во сообраќајот.
Јавниот обвинител е надвор од животна опасност и е под медицинска нега на скопските клиники. Основното јавно обвинителство презема дејствија за расчистување на настанот, соопштија од ЈО.
Настанот го потврдија и од МВР, соопштувајќи дека се уапсени две лица и еден малолетник.
На 21.11.2021 во 06.10 часот од полициски службеници од Полициското одделение Чегране биле лишени од слобода Н.С.(40), неговиот малолетен син, двајцата од с.Чегране, гостиварско и Б.Ф.(41) од с.Церово, тетовско, поради постоење основи на сомнение дека околу 05.30 часот во с.Чегране, по претходна расправија околу недоразбирање во сообраќајот, физички го нападнале и со остар предмет го повредиле Х.И.(39) од с.Форино, гостиварско. Х.И. бил пренесен во Општата болница „Ферид Мурат“ за укажување на лекарска помош. Тројцата со кривична пријава во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка на Основен суд Гостивар.