Мирниот политички викенд завршува, а првиот вицепремиер Артан Груби најавува окрупнување на мнозинството без да прецизира кој пратеник ќе се приклучи на владата која во четвртокот преживеа.
Размислувањето на Груби е дека потпишаните пратеници биле ставени во заблуда од анти-европските сили, а тврди дека ДУИ не притискала никого како што тврди Беса, туку тоа го правеле лидерите од списокот доставен за интерпелација.
Прашањето на Телма беше дали ги звртува тезите за притисок за кој обвинува Беса.
-Не ги извртуваме, воопшто не ги извртуваме тезите. Демократската унија на интеграција, ниту еден нејзин член нема вршено никаков притисок врз ниту еден од пратениците или било кој од партиите. Напротив, жалиме што лидерите на тие политички партии ги ставија во заблуда своите пратеници и ги ставија во функција на уништување на европската агенда на Република Северна Македонија. Несвесно, не верувам дека сите тие 61 пратеник што се потпишаа на тие 4 листа не беа свесни дека влегуваат во агенда за уништување на европскиот сон на граѓаните, одговори првиот вицепремиер Артан Груби.
Беса чиј пратеник Кастриот Реџепи не се појави на собраниската седница, по централното претседателство СДСМ-ДУИ итно да престане со притисокот од сите форми што го вршат врз нивни пратеници и дека на тој начин се нарушени слободата и демократијата во државата.
За ова, Беса ги известила и меѓународните претставници. Од ВМРО-ДПМНЕ и натаму сметаат дека пратеникот Кастриот Реџепи е киднапиран и бараат оставката на Заев да биде реализирана.
-Граѓаните се нестрпливи да го видат Заев да понесе одговорност, а СДСМ да си замине од власта и од институциите, бидејќи ова што го прават е класичен терор врз граѓаните и врз институциите. Кога Зоран Заев не сака сам да ја даде оставката, граѓаните ќе му ја испорачаат многу брзо, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.
Од СДСМ одговараат дека оставката е јасна, но јасна е и одлуката таа да биде реализирана откако ќе биде стабилизирано мнозинството.
-Еден од тие процеси за стабилизација на државата е и зголемувањето на мнозинството и стабилизирање на парламентарното мнозинство, денот на гласањето кога сакаа да се изгласа недоверба стана јасно дека опозицијата го нема тоа долго најавувано парламентарно мнозинство. Како политичка партија, сериозна и посветена на демократските процеси во државата остануваме отворени за понатамошна комуникација со сите политички партии, особено со оние кои ги делиме истите вредности, изјави Славјанка Петровска, пратеник од СДСМ.
Вицепремиерот Груби пак тврди дека е стабилна состојбата, парламентот е функционален и се чекаат позитивни вести од Брисел на 14-ти декември. За европската иднина контакти има со сите про-европски сили, па дури и со ВМРО-ДПМНЕ.
-Состојбата е стабилна, Македонија е безбедна. Убеден сум во функционалноста на парламентот. Владата е стабилна и се надевам дека сите тие ветувања од европските лидери ќе се остварат на 14-ти декември, рече Груби.
ТЕЛМА: Какви контакти имате со Алтернатива?
Груби: Немаме ние контакти само со Алтернатива, ние имаме контакти и со Алијанса на Албанците, имаме и со ВМРО-ДПМНЕ. Немаме само со Левица контакти никакви и нема да имаме.
Понеделник е денот кога ќе се појави Кастриот Реџепи да објасни што правеше и каде беше пред 4 дена, но треба да донесе и почеток на политичкиот расплет. А Собранието ќе почне со расправа за буџетот за догодина.
Миомир Серафиновиќ
ВМРО-ДПМНЕ со реакција за изјавата на Груби:
„ДУИ и СДСМ се власт 5 години, и секоја година сме се подалеку од ЕУ. Груби да престане да глуми Европеец, и лажно да се прикажува за некаков фактор, затоа што единствено што преставува, е портпарол на мафијата на власт, и слуга на криминалните интереси поради кој народот на Македонија глава не може да крене.
Со Артан Груби и ДУИ може само да биде киднапиран пратеник, а не и да се интегрираме во ЕУ. Кога Артан Груби збори за европски вредности, Европа ја боли глава. И друг пат кога ќе говори кој каде му бил срцето, знаеме дека срцето на Артан лежи на куфер украдени пари.“- соопшти ВМРО-ДПМНЕ.