Македонската фудбалска репрезентација утре во Скопје против Исланд го игра решавачкиот меч за пласман во баражот за настап на Светското првенство.
На избраниците на селекторот Благоја Милевски потребна им е победа за освојување на втората позиција што би бил и најдобар пласман во историјата на националниот тим во еден квалификациски циклус.
“Не може да кажам дека Исланд за нас е најтежок натпревар. Само што е последен и одлучува околу исполнување на нашите цели. Но, се подготвуваме како и за сите претходни натпревари, затоа што и секој претходен за нас беше важен. А, тоа што сме пред финална можност за пласман во баражот тоа не ни носи притисок, туку не мотивира. Јасно е дека посакувавме да дојдеме во ситуација сами да одлучуваме, и среќни сме поради тоа. Полниот стадион ќе ни биде инспирација плус, а не притисок. Со ладни глави и жешки срца одиме на победа. Ерменија е зад нас, а сега сме пред нов предизвик на кој верувам дека ќе знаеме соодветно да одговориме. Знаеме се за противникот, комплетно сме подготвени за тоа што не очекува. Знам дека на вакви натпревари се случуваат и грешки но верувам дека нема да ни се случат сега и ќе дојдеме до целта”, изјави предводникот на националниот тим.
ФОТО: Игор Паневски