Економија Топ вести

Народната банка ја ревидираше нагоре стапката на инфлација – годинава ќе биде 3,1 процент

Пандемијата, енергетската криза, растот на цените глобално и кај нас, и нарушените синџири на снабдување – се главните причини Народната банка да ја корегира нагоре стапката на инфлација во земјава.

Тргна со 1,5, па ја покачи на 2,2, за сега проекцијата да биде 3,1 процент инфлација за годинава.

Гувернерката Бежоска уверува дека инфлацијата е под контрола и нема потреба од итни мерки.

Оптимизмот се темели на очекувањата дека економијата ќе закрепнува, а состојбата ќе се стабилизира на почетокот од наредната година, за кога се очекува инфлација од 2,4 проценти.

Сепак Бежоска апелира состојбата будно да се следи.

“Будно ги следиме состојбите, особено што се случува во енергетскиот сектор,но не само кај енергетскиот сектор туку и кај глобалниот раст кај цените на храната, бидејќи ако се погледне потрошувачката кошничка кај нас тие имаат доминантна улога. На храна и енергија отпаѓа околу педесетина проценти од вкупната потрошувачка кошничка. Така да будно следење  е навистина неопходно во овој период. Иако за сега не се очекуваат поизразени шокови. Се очекува инфлацијата да остане во умерени рамки” – вели гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Народната банка останува на прогнозата од април, дека растот на БДП годинава ќе биде 3,9 проценти.

За догодина очекува стабилизаирање на економијата и раст од 4 проценти. Сепак во игра е и песимистичко сценарио.

Ако состојбата се влоши предвидува понизок БДП за 1,25 проценти, или економијава годинава да порасне 2,7 проценти, а инфлацијата да биде пониска за 0,7 и да изнесува 2,4 проценти.

Бежоска уверува дека денарот ќе биде стабилен. Ако е потребно на располагање се  и девизните резерви од 3,6 милијарди евра.

“Имаме инструментариум богат на располагање, фали е тоа каматна стапка задолжителна резерва, имаме и други инструменти и неконвенционални кои што ги имаме на располагање. И со сите тие инструменти, зависно од проблемот, ризикот кој што ќе се појави, соодветно ќе одговориме за да ја задржиме макроекономската стабилност, што подразбира и стабилност на курсот и стабилност на инфлацијата” – додава гувернерката.

Статистика вчера објави дека во октомври трошоците на живот пораснале за 4,1 процент, а цените на мало се повисоки за 6,1 процент во однос на цените во октомври лани.

Најмногу растеле трошоците за храна, маслото и мастите, месото, зеленчукот, транспорт. Инфлацијата за десетте месеци од годинава пак е 2,9 проценти.

Александра Филиповска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Oбвинителството предлага Крешник Бектеши да оди во куќен притвор

Дејан Дејан

Цената на струјата и парното ќе ја утврдуваат експерти од енергетски компании – измени во Законот за енергетика

Дејан Дејан

Судијка од Велес ќе дели правда во Кочани

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе