Вакцините сè уште се ладат во фрижидерите во странство, додека заразата со грип веќе започна да се проширува низ државата. Во неделата од 25 до 31 октомври во Институтот за јавно здравје се добиени резултати за 73 потврдени случаи на зараза со вирусот на инфлуенца. Во западниот дел од државата засега има најмногу – Дебар 33, Охрид 30, Гостивар 23. Овие бројки на ИЈЗ се потврда дека започна сезоната на грип. Тие во дел од своето соопштение објавено на петти ноември, акцентот го ставаат и на вакцинацијата која уште е на чекање.
„Вакцинацијата против сезонски грип е најдобра заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје дава препорака за целото население, особено за лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет, да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип.“
На овој апел или препорака до граѓаните, се надоврзуваат и од скопскиот Здравствен дом. Директорот, доктор Исјановски вели дека тие секојдневно го чекаат својот дел од нарачаните 40 илјади вакцини, за да ги поделат на пациентите од ризичните групи.
„Кога ќе дојдат вакцините за грип и јас би примил од тие вакцини и ги охрабрувам сите граѓани коишто сакаат, а видовме дека и лани ги искористивме сите дози, да ја примат вакцината против сезонскиот грип. Препораките засега се само граѓаните од ризичните групи да ја примат оваа вакцина. Доколку останат вакцини, сигурно ќе има простор да се даде и на останатите граѓани, а приватно не може да се плати, ова се бесплатни вакцини за сите. Ние веќе неколку години вршиме редовна имунизација против сезонскиот грип.“
Од Мој Термин податоците велат дека 20158 осигуреници коишто се во некоја од петте ризични групи веќе се пријавиле на vakcinacija.mk за да добијат вакцина за сезонски грип.
Петар Догов