Ситуацијата која настана со оставката на премиерот ја менаџираме низ интензивен контакт со сите партии, освен оние кои го негираат Охридскиот и Преспанскиот договор, добрососедството, НАТО, ЕУ, Република Косово и албанскиот јазик, напиша вечерва лидерот на ДУИ Али Ахмети на Фејсбук.
Реакцијата на Ахмети следува откако ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса/Алтернатива, БЕСА и Левица објавија дека формирале ново мнозинство во Собранието.
Исто така, по актуелниот развој, во контакт и координација сум со нашите стратешки партнери: САД, НАТО и Европската унија. Нема да дејствуваме ниту со емоции, ниту со еуфорија. Добив многу повици со поддршка од сите страни, на која сум благодарен, и иако не можам да им возвратам на сите, ви кажувам дека ќе успееме заедно. За сите следни чекори ќе бидете известени. Засекогаш заедно, во секакви дуели, напиша Ахмети.