Спуштени ролетни и празни дворови е првото добредојде во Желино. Оваa општина полна со рамни полиња и ридско-планински населби е една од оние кои најбрзо се празнат, младите се иселуваат, а постарите остануваат да живеат потпомогнати од своите роднини во странство.
Оние малкумина кои останале сега се главна вест и тоа не само во полошкиот регион туку во целата држава.
Токму нивната политичка ориентација и случувањата во нивната општина на локалните избори донесе тектонски промени, но не во локалната туку и целата централна власт.
Тоа е така затоа што премала е разликата во гласови на двајцата противкандидати за градоначалник на Желино, а ќе се прегласува на едно избирачко место.
Жителите будно ги следат политичките случувања, а беа помалку или повеќе расположени за да поразговараат со нас.
„Дваесет години гледаме иста песна, секој ден ваму-таму, апсења, убиства, кражби, никој не одговара. Цела држава ја покрадоа.“
„За да бидеш претседател или градоначалник или министер, треба да имаш круг. Ако немаш круг со народот – не можеш ништо да постигнеш. Не знам што е работава, сега ново гласање ќе има ама и мучки има.“
„Пари нема, парички.
– А, на политичарите им верувате ли?
Не, не, ич, ич.“
„Сите сè за себе сакаат. Влегуваат, излегуваат, Влада уриваат, ваму-таму, сè за себе. Едниот сака да влезе да биде градоначалник, другиот не сака да излезе. Има нешто штом трчаат таму.“
Во Желино кандидатот за градоначалник на БЕСА, Блерим Сејди освои 5171 гласа, а неговиот противкандидат од ДУИ, Фатмир Изаири, освои 5102 гласа. Разликата е само 69 гласа.
На оваа точка се разидуваат неколку села – селото Желино, селото Стримница, и Горна и Долна Лешница. Овде се наоѓа училиштето каде што е избирачкото место 2107, место каде што ќе се прегласува повторно заради тоа што има поднесени приговори од страна на ДУИ во однос на бројот на отпечатоци коишто не се совпаѓале со бројот на гласачи во избирачкиот список.
Истото го соопшти Државната изборна комисија по контролата во изборниот материјал, по што е констатирано дека има неусогласеност во податоците во записникот.
Но, тоа не е единствениот пропуст кој се случил на гласањето во избирачкото место во основното училиште „Луиѓ Гуракуќи“. Едно лице гласало со неважечка лична карта.
На избирачкото место 2107, исходот беше 227 гласа наспроти 117 во корист на кандидадот на ДУИ.
Петар Догов