Повеќе од десет илјади пријавени од кои најзастапени се возрасните лица над 65 години, се регистрирани во системот на првиот ден од пријавувањето за вакцинација од сезонски грип.
Сите спаѓаат во некои од наведените пет ризични групи на граѓани – освен категоријата возрасни исто така и лицата со хронични болести, здравствените работници, бремените жени и децата на возраст од 6 месеци до 5 години.
Вакцините сè уште не се донесени во земјата иако договорот за набавка на 40 илјади дози е потпишан пред три недели и голем дел од здравствените осигуреници повеќе недели ги очекуваат.
„Над десет илјади лица веќе покажаа заинтересираност за вакцината. Најголем број, околу седум илјади се од онаа група од којашто се очекуваше – возрасните лица над 65 години и најмногу се разбира во градот Скопје како и досега. Околу четири илјади луѓе се во Скопје пријавени за вакцинација“ во изјава за Телма вели Жаклина Чагороска, советник во Управа за електронско здравство.
Што во случај да има повеќе заинтересирани за примање на вакцината отколку достапни вакцини, одговараат од Управата за електронско здравство.
„Се зависи од тоа колку луѓе ќе се пријават и дали бројката на пријавени лица соодветствува на количините коишто се набавени. Нема да има никаков приоритет бидејќи бидејќи не може да се даде посебен приоритет на некоја од овие групи и затоа сите спаѓаат во овие ризични групи. Но, доколку видиме дека интересот за вакцинација е поголем тогаш Комитетот за имунизација и работните групи кои се вклучени во спроведување на овој процес ќе предложат на кој начин да го правиме рангирањето односно повикувањето и приоритетот на оние кои ќе бидат повикани“ вели Жаклина Чагороска, советник во Управа за електронско здравство.
Со пополнување на апликацијата на vakcinacija.mk граѓаните се регистрираат за вакцинација директно во системот Мој Термин.
Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, ќе стигнува смс порака со датум и час кога пациентот да биде присутен на пунктот којшто самиот ќе си го избере при пополнување на податоците.
Петар Догов