40-годишниот Гоце Цветковски од охридско Подмоље беше третиот човек на листата кандидати за градоначалник на Охрид и во првиот круг успеа да ги помати сметките на кандидатите од двете големи партии. Стана познат и како Вегета затоа што фрлаше од овој познат зачин во телевизиско студио кон против кандидатите со образложение дека треба да го !зачинат“ езерото и функционерските кражби.
Но, пред три дена против него, СВР Охрид поднесе кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотици. Во стан во кој престојувал му биле најденидве зип-кесички со „трева“, 21 семка и гранки од канабис.
Пријавата е поднесена на 2-ри ноември, но претресот бил извршен многу порано односно уште пред тој да се кандидира за градоначалник. Објаснувањето е дека полицијата го истражувала случајот за да ја состави пријавата. Откако се собрани потребните податоци пријавата е поднесена, објаснуваат од СВР Охрид. Информации за пријавата се наведени во вчерашниот билтен на дневни настани на МВР.
Во меѓувреме, иако под истрага, Цветковски успеа да поднесе кандидатура, да учествува во кампањата, да ја возбуди јавноста со своите настапи во телевизиските дебати и да го освои третото место и 1.376 гласови (4,6%) во првиот изборен круг во Охрид.
Еве го извадокот од билтенот на МВР:
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Г.Ц.(40) од охридското село Подмолје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. При претрес во стан во Охрид, каде престојувал пријавениот, пронајдени се и одземени две кеси со марихуана, 21 семка и гранки од растението канабис.