Македонија

Како амнестиран за крвавиот четврток и вработен во тајна служба се споиле за да уценуваат бизнисмен?

Двајца изнудувачи, меѓу кои вработен во Агенцијата за национална безбедност биле уапсени пред  два дена.

Уапсените барале 75 илјади евра за да спречат непостоечка истрага против сопственик на градежна компанија од Битола.

Уште од лани, Михаил Младеновски му пришол на бизнисменот тврдејќи дека како добро информиран знае за истрага против фирмата.

Младеновски тврдел дека Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција има покренато истражна постапка против битолчанецот. Младеновски претходно имал релации со обвинителството за организиран криминал, но како обвинет за крвавиот четврток, а потоа беше амнестиран заедно со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и организаторите на протестот.

Како потврда за истрагата се појавил извесен Вилијам Секл- вработен во Агенцијата за национална безбедност глумел финансики разузнавач пред уценуваниот градежник.

Тврдел дека е истражител во обвинителството. На уценуваниот му барале пари за да спречат истрага која „постоела“ само на хартија. Документ за лажната истрага направил првоосомничениот.

“Наредбата со невистинита содржина која му ја прикажал на оштетениот за да го увери во вистинитоста на своите тврдења осомничениот ја креирал на неговиот компјутер, со што го довел во заблуда оштетеното лице” – тврди обвинителството.

Градежникот го пријавил случајот во полиција, скопското обвинителство отвори истрага, а  уценуваниот побарал од изнудувачите да „плаќа“ на рати.

Првата рата од одбележани 5.000 евра била дадена во угостителски објект во Карпош пред два дена кога Младеновски е уапсен.

Тој е осомничен за изнуда и доби 8-дневен притвор, на вработениот во АНБ му е пишана пријава за лажно претставување и му е одземен пасошот.

Агенцијата за национална безбедност одбра со изјава за МИА да демантира различни наводи објавени по медиумите и социјалните мрежи.

Од АНБ тврдат дека кај нив не е најдено ништо спорно при истрагата иако Вилијам Секл е вработен во агенцијата која се уште се наоѓа во кругот на МВР.

“Агенцијата овозможи пристап и увид до сите барани податоци од страна на Судот во претходна постапка при што неспорно се утврди дека не постојат никакви податоци или документи кои би можеле да упатат на каква било инволвираност на вработени во АНБ во случајот” – соопшти АНБ.

Агенцијата ги негира и многуте објави и пласирани лажни вести по социјални мрежи и портали за улогата на уапсените во други активности на АНБ. Потврдуваат дека во работата агентите во потрага по информации се среќаваат и со поединци од криминални, екстремистички и терористички средини за што се прават службени материјали.

Но од АНБ тврдат дека обвинувањата на таквите поединци треба да се примаат со должна резерва и да се утврди нивната веродостојност, а тоа не се случило вчера при објавувањето на информацијата.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Градоначалникот на Чучер Сандево за Телма тврди: состојбата со пожарот во општината е алармантна

Дејан Дејан

Топ Тема: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ разменуваат обвинувања за политиканство и негрижа за настраданите во пожарот во Кочани

Дејан Дејан

Целосно прекинат сообраќајот во двата правци на патниот правец Стенковец – Блаце а затворен и граничниот премин Блаце

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе