Името на Гордан Георгиев, аналитичар кој порано беше и член на раководството на СДСМ во време на второто лидерство на Црвенковски, беше посочувано како можен кандидат за претседател на партијата, откако Зоран Заев даде оставка која се уште официјално не е заведена во партиската централа.
Георгиев се спомнуваше како евентуален застапник на ткнр. Скопска струја во СДСМ, а шпекулациите се споделуваа во коментари по социјални мрежи или неофицијални информации.
Георгиев ги расчисти дилемите со едно „Не„, но остави и подотворена врата на партиското седиште на СДСМ во која како што напиша на својот фејсбук профил, „изминатите 7-8 години, или барем откако СДСМ е на власт, јас немам никакво учество, активитет или улога во партијата.
-За волја на вистината, ниту некој побарал суштински совет од мене, ниту пак биле прифаќани моите јавно искажани, и секојпат добронамерни, совети и предлози за подобро функционирање на државата. Сиве овие години, моите ставови за општествените текови јавно ги искажувам преку моите колумни, писанија, јавни настапи и проекти коишто ги работам. За некои ставови сум бил жестоко критикуван, за некои тивко поддржуван. Така и во иднина, мојата активност и порив за подобро и праведно општество, за до-освојување на слободата и за враќање на изгубените или никогаш стекнатите вредности ќе се одвива во овие рамки, пишува Георгиев, но, остава простор и за поинаква одлука.
– Се разбира, рамките се стеснуваат или шират во зависност од општествените и политички околности…, заклучува Георгиев.
Во шпекулациите за нов лидер на СДСМ се изредија многу имиња од актуелното раководство на партијата и министри, досегашниот скопски градоначалник, но беа спомнати и поранешни високи функционери на партијата кои не се активни во централата по доаѓањето на Заев на чело на партијата.