Историски највисок, нереален, неразвоен со многу непродуктивни трошења. Ова е првата оценка на економските експерти за буџетот за наредната година. Шок за нив е тоа што владата не предвидела пари за справување со последиците од енергетската криза. А се расфрла со непродуктивни трошења, како тие за раст на платите на дел од администрацијата.
Да се даваат толку високи пари, средства за непродуктивни трошења, како што се платите во правосудниот систем кога знаеме дека правосудството ни е многу лошо или во администрацијата е навистина смешно. Потоа се предвидуваат капитални инвестиции, но тие видовме дека во изминатите години не се реализираат како што треба, вели универзитетската професорка Марија Зарезанкова.
Според нив загрижувачки е и високиот буџетски дефицит од 4,3% или 545 милиони евра, но и рекордниот јавниот долг од 65,9% од БДП. Велат во прашање се доведува фискалната одржливост, односно дали државата ќе може да ги плаќа обврските. Изненадени се што Владата не предвиде пари за енергетската криза.
Секаде цените се еден од важните ценовни инпути и со цел да ја обезбеди таа стабилност сметам дека државата односно владата требаше да предвиди средства и за таквва намена. Во спротивно ќе дојде под знак прашње и реализацијата на инвестициите , а со тоа и остварување на планираните стапки на економски раст, вели професорот Зоран Ивановски.
Со буџетот за наредната година за плати на администрацијата ќе се потрошат 531 милион евра, или 17 милиони евра повеќе од годинава. Тука се влезени и покачувањата на платите на судиите, обвинителите, инспекторите, наставниците, културните и здравствените работници. Најмало е зголемувањето кај здравството – 5 проценти, односно ланскиот бонус кој се плаќал од кредит од Светска банка сега оди во трајно зголемување на платите.
Владата планира да потроши вкупно 4,43 милијарди евра, а од граѓаните и стопанството да собере 3,88 милијарди. За капитални проекти се издвоени 615 милиони евра, а над 97 милиони евра се за автопатите од Коридор 8 за кој има склучен меморандум за соработка со конзорциумот „Бехтел и Енка“. Проектиран е раст на економијата од 4,6 и инфалција од 2,4 проценти.
Александра Филиповска