Повисоки плати за дел од администрацијата, рекордни 615 милиони евра за капитални инвестиции и највисок јавен долг до сега од 65,9 проценти од БДП. Министерот за финансии Фатмир Бесими го претстави предлог буџетот за идната година. Го оцени за развоен.
Владата планира да потроши 4,43 милијарди евра, а од граѓаните и стопанството да собере 3,88 милијарди. За плати на администрацијата ќе се потрошат 531 милион евра, или 17 милиони евра повеќе од годинава.
Тука се влезени и повисоките плати за судиите, обвинителите, здравствените работницим, инспекторите.
“Тука влегуваат зголемување на плати во здравство за 5 проценти, поголеми плати во судтсво за 15 проценти, раст на плати од 15 проценти за обвинителите, 7 проценти поголеми плати во образованието согласно колективниот договор, раст на плати во културата – согласно колективниот договор во кој растот се поврзува со растот на минималната плата и 10 проценти раст на платите на инспекциските служби согласно закон што е донесе и според кој ова ќе биде трета година како се корегираат нивните плати”– изјави министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Буџетскиот дефицит ќе достигне 545 милиони евра или 4,3 проценти од БДП. Ќе се финансира со домашно и странско задолжување.
Покрај постојните видови обврзници, ќе се издаваат и четири нови – развојни, зелени, проектни и индексирани со инфлацијата. Ќе се задолжиме за нови 733 милиони евра.
“441 милион се домашно задолжување, 346 се странско задолжување, 54 милиони се депозити, вкупно 733 милиони евра” – вели Бесими.
Владата очекува раст на економијата до година од 4,6 проценти. Стапката на инфлација е проектирана на 2,4 проценти.
Од владата се оптимисти дека енергетската криза глобално и кај нас ќе заврши во вториот квартал од наредната година.
Бесими очекува и Буџетот да биде изгласан во Собранието на време. Законски пратениците треба да го донесат до крајот на годинава.
Александра Филиповска