Десен, па лев показалец. Неуспешно вчитување на податоците во базата, а потоа личната карта на увид, па преку матичен број успеа овој гласач да си го оствари своето право на гласачкото место во Домот на Армијата.
Ваквите случаи се чести, кај некои идентификацијата со апаратот за вчитување отпечатоци во базата се одвива без проблем, но кај некои токму спротивното.
Но, тоа не е најголемиот проблем на Избирачкиот одбор во ова гласачко место со број 2815 во центарот на Скопје.
Таму гласањето денес ќе завршеше уште пред да започне.
Петнаесет минути ги делеле надлежните од тоа да се откажат денес од спроведување на гласањето, откако повеќе од дваесет граѓани утрината ги вратиле наместо да им овозможат да гласаат.
„Кога нѝ беше доставен апаратот, картичките (за истиот) беа доставени без пасворди за логирање и така ние не можевме да започнеме. Општинската изборна комисија беше веднаш известена и тие нѝ кажаа да почекаме за да се консултираат со Државната изборна комисија. Почекавме до 09:45 часот кога беше отворено гласачкото место, нѝ беа доставени нови пасворди. Најпрво беше кажано дека ќе нѝ биде доставен резервен апарат со нови картички меѓутоа на крајот испадна само нови пасворди за логирање на претходните картички коишто нѝ беа доставени. На ова гласачко место се запишани 348 гласачи. Тука во ова избирачко место 2815 никогаш немало проблеми, сега првпат се соочуваме со нешто такво“ изјави Анета Гакевска Михајловска, претседател на Изборна единица 2815 во Дом на АРМ.
Изборниот законик е јасен по ова прашање. Ако почетокот на гласањето се одложи за некое време, но не повеќе од три часа – тогаш и крајот на процесот во тоа гласачко место ќе биде означен колку што треба по 19 часот.
Но, ако пролонгирањето е подолго од три часа и Избирачкиот одбор не успее да означи почеток на гласањето до 10 часот наутро, тогаш единствената опција е да се прегласува на друг датум, на тоа избирачко место.
Петар Догов