Вести Локални избори 2021 Македонија Најважни

СДСМ објави и бугарска лична карта за Дан(и)ела Арсовска извадена една недела по 27-ми април – Арсовска им порачува дека безумно лажат за спас на политичките кариери

Втор ден СДСМ вадат документи за кои тврдат дека се изворен доказ дека кандидатката за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска има бугарско државјанство и бугарска лична карта. Премиерот дури ја повика и да се повлече од трката, затоа што ова не се избори за кмет. Таа негира и веќе поднела тужба.

Само еден ден откако излегоа со тврдење дека има бугарско државјанство, СДСМ извадија нов документ за Данела Арсовска, кандидат за градоначалник на Скопје. Овојпат тврдат дека се работи за нејзина лична карта, извадена во Бугарија на 5 мај 2017 та година, на која стои името Даниела.

-Бугарско државјанство, бугарска лична карта на Арсовска. Со номер, со дата на раждане, потпис, со адреса во градот Петрич која патем се уште е важечка. Оваа лична карта на Арсовска е издадена на петти мај 2017 година. Само една недела по крвавиот четврток, по крвавиот 27 април и насилниот упад во Собранието. Г-ѓа Арсовска, со каква намера и цел, ја подигнавте бугарската лична карта само неколку денови откако пропадна обидот да се убијат пратеници и да се спречи демократска промена на власта, рече Славјанка Петровска од СДСМ.

Петровска вчера објави документ од бугарското Министерство за правда, како аргумент дека Арсовска има бугарско државјанство, потврдено со указ потпишан од бугарскиот вицепретседател.

Арсовска ги негира обвинувањата, веќе поднела и тужба и тврди дека никогаш не била Даниела, туку е крстена по нејзиниот дедо Дане.

-Треба да се срамат од тоа што го прават и јас веќе пуштив една тужба и сега овој пат нема да биде без надомест, сега тужбата ќе оди со надомест и има сите средства што ќе ги земам од сите овие безумни лаги од овие изминати неколку дена да ги донирам и тоа не на политичка партија како што лажат затоа што никогаш во својот живот нити сум била член на политичка партија, нити сум донирала на политичка партија, нити сум направила нешто погрешно. Да сум направела нешто погрешно немаше да се кандидирам во трка каде што ќе ме напаѓаат вакви безобразни луѓе и луѓе кои лажат континуирано и истата мисла не можат да си ја задржат нити два дена откако ќе ја кажат, изјави Данела Арсовска, кандидат за градоначалник на Скопје.

Арсовска обвини дека намерно се шират лаги кусо пред изборите, со цел да и` се оневозможи низ правна постапка да ја докаже вистината. Изненадена е од ваквите напади од луѓе за кои вели дека пет години ја викале да им дава економски совети и седеле со неа на маса.

На премиерот, кој утрово ја повика да се откаже од кандидатурата, му порача тој самиот да си остане на зборот и во понеделник да си поднесе оставка.

Заев изјави дека е премногу тоа што Арсовска е почесен конзул на Унгарија и државјанин на трета држава и очекува да се повлече од кандидатурата. Рече дека во Скопје се бира градоначалник, а за кмет може да се кандидира во Бугарија.

По ова од ВМРО ДПМНЕ му порачаа дека единствената бугарска врска во Македонија е тој самиот. Го потсетија на неговите пораки до Бугарија дека сме „братски хора, с`шти народ„ и  дека Бугарите не биле окупатори, туку администратори.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тешко повреден 14-годишен мотоциклист во Велес

Дејан Дејан

Воз удри во автомобил кај Зелениково – МВР соопшти дека нема повредени

Дејан Дејан

Димовски: Потребна ни е сплотеност за подобра иднина на државата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе