Покрај резултатите и победа, на вечерните обраќања на партиските лидери уште еден збор одекнуваше на сите прес-конференција- „ново парламентарно мнозинство“.
Прв почна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој смета дека резултатите од денешниот изборен ден покажуваат простор и брз термин за ново парламентарно мнозинство и дека таа опција ќе биде разгледана во партиските тела. Мицкоски објави победа во многу општини, а пред се во поголемите градови освен во Куманово и Струмица.
Димитар Апасиев, лидерот на Левица која сега почнува да освојува и општински советници во поголем број, смета дека претстои окрупнување на опозицијата за ново парламентарно мнозинство кое ќе изгласа нови парламентарни избори.
Претседателот на владата и прв човек на СДСМ Заев пак смета дека вториот круг ќе го каже победникот и се надева на поддршка од сродните партии, а за ново парламентарно мнозинство вели дека може да се формира и меѓу два круга, и после вториот изборен круг, иако тој мисли дека нема да се случи такво сценарио туку обратно и повторува дека неговото парламентарно мнозинство ќе се зголемува.
Граѓаните со својот глас денеска го определија терминот за наредната недела за кој најмногу ќе се дискутира, а тоа ќе биде „ново парламентарно мнозинство“.