60 тони хартија и 45 милиони ливчиња се дистрибуирани за денешните седми по ред локални избори во државата. Право на глас имаат 1 824 864 граѓани. На најобемните избори во историјата на Македонија ќе се гласа за 10 831 кандидати од кои 299 за градоначалници, а останатите за советници, на 91 листа поднесена од независни, и 31 листа од политички партии и коалиции. Од пријавените кандидати 56 отсто се мажи, а 44 се жени.
Првпат на овие избори идентитетот на гласачите ќе се проверува со уреди за биометриска идентификација на отпечаток од прст за што од компанијата „Дермалог“ се набавени 4000 уреди и соодветен систем за нивна употреба. Пред да можете да го остварите вашето гласачко право прво ќе мора вашиот отпечаток да се совпадне со тој од базата која е внесена во уредот за идентификација. Од ДИК велат дека и да се јават проблеми, има начин да се решат.
На екранот на уредот за биометриска идентификација на гласачите треба да се бидат прикажани следните податоци: Избори и датум на избори, моментално време, општина, број на избирачко место, вкупно регистрирани гласачи, вкупно гласачи кои гласале, распределба по род на гласачи кои гласале. Уредот треба да даде и податоци одзивот на гласачите во време на гласањето во интервал не подолг од два часа.
Ако некој се обиде да го оштети уредот, казната според кривичниот закони е пет години затвор.
Проблеми не би требало да се јават уверуваат од ДИК, но ако се случат, на терен ќе бидат испратени ИТ лица. обезбедени се и два кол центри, едниот е во ДИК, а другиот во компанијата Дермалог.
За граѓаните е активен бесплатниот телефонски број 0800 55544 на кој може да се јават и да постават прашање или да остават коментар до ДИК. За граѓаните со оштетен слух и говор на денот на изборите активен ќе биде телефонскиот број 076 488 360 на кој преку видео повик ќе можат да постават прашње до ДИК и да добијат одговор на македонски знаковен јазик. Вкупно 1.045 локални и странски набљудувачи и преведувачи се акредитирани за овие локални избори. Гласањето се одвива и според сите ковид протоколи, а ќе трае до 19 часот. Резултатите од првиот круг на изборите се очекуваат околу полноќ.
Алиса Шутиноска