Додека претседателот на ФИФА, Џани Инфантино патува низ светот и лобира за гласови за поддршка за идејата, Светските првенства да се одржуваат на секои две години, бројот на противници се зголемува, а последен кој изрази загриженост со барање за поширока расправа е Интернационалниот олимписки комитет.
Во соопштението на Извршниот комитет на кровната светска спортска организација се потенцира дека во момент кога голем број на национални и континентални асоцијации, здруженија на фудбалери и тренери, клубови и поединци јасно се противат на инцијативата, Меѓународниот олимписки комитет бара од ФИФА да не се носат избрзани одлуки и конечното решение да се донесе после широка расправа во која ќе бидат вклучени сите заинтересирани страни.
Реакцијата на Извршниот комитет доаѓа по состанокот што се одржа во Атина на кој една од темите за разговор беше токму идејата на Инфантино и Арсен Венгер за која треба да се гласа во декември оваа година кога 211-те членки треба да го одобрат или пак отфрлат предлогот Светските фудбалски шампионати да се одржуваат на секои две години.
Најжестоки противници на оваа идеја се УЕФА и КОНМЕБОЛ кои дури најавија и бојкот на Мундијалите доколку тие се одржуваат на секои 24 месеци.
На спротивната страна предлогот има најголема поддршка во земјите од африканскиот и азискиот континент.