Фудбалерот на Малме, Ердал Ракип за прв пат се најде на списокот на играчи кои се во комбинација за еден натпревар на македонската репрезентација.
Дваесет и пет годишниот играч од средниот ред се очекува да дебитира во националниот тим на претстојните дуели од квалификациите за Светското првенство против Лихтенштајн и Германија.
“Прв пат пред неколку години Благоја Милевски ми понуди да играм за Македонија. Во тој период ми требаше време да размислам. За мене е голема чест што добив понуда да играм за репрезентацијата на Македонија и донесов одлука дека сега е вистинскиот момент да прифатам. Разговаравме со моето семејство и среќен сум што ќе играм во дресот на македонската репрезентација. Македонија е домот за моето семејство и одлуката сега воопшто не беше тешка”, изјави Ракип за веб страницата на ФФМ.
Тој по повикот од селекторот Милевски веднаш им се приклучи на колегите од националниот тим и беше дел од мини подготовките пред заминувањето за Вадуз.
“Селекторот и соиграчите ми помагаат во адаптацијата на новата репрезентативна средина. Разговараме и се обидуваме да се запознаеме подобро. Малку ми беше тешко првиот ден, но веќе е поинаку. Се обидувам да се вклопам во тимот, но без наметнување, туку улогата да си дојде сама по себе. Оваа репрезентација ќе напредува секоја наредна година. Ништо не доаѓа веднаш. Тимот е млад и желен за докажување”, заврши новиот член на македонската репрезентација.