Селекторот на Македонија, Благоја Милевски денеска го објави списокот на повикани фудбалери за претстојните квалификациски натпревари за пласман на Светското првенство 2022.
Нашата најдобра селекција на 8. октомври ќе се соочи со Лихтенштајн на гостински терен во Вадуц, а на 11. октомври на Националата арена „Тодор Проески“ ќе ја пречекаме селекцијата на Германија.
“Најважен е натпреварот со Лихтенштајн. Нѐ очекува најтешкиот меч во досегашниот тек од квалификациите. Се работи за селекција која константно напредува во последните години. Не е истата селекција од пред десетина години. Имаат одличен тим, пред се на колективно ниво, тоа го докажаа на натпреварите со Ерменија и Германија. Очекувам да го дадеме максимумот на тој натпревар, да дадеме се од себе за да ги освоиме трите бода од тоа гостување. Фаворити сме, но тоа мора да го покажеме и на терен. Очекувам од моите фудбалери да бидат во подобра форма од натпреварите во септември. Сите се во тренажен и натпреварувачки ритам. Мора да бидеме подобри во реализацијата, тоа ни недостигаше во септември. Секој фудбалер треба да биде максимално сконцентриран, јас немам замерки за тоа што го пренесоа на терен од тоа што го баравме на последните натпревари. Не сакам да правам калкукации, мора да дадеме максимум да го добиеме првиот дуел, а за сè останато ќе зборуваме подоцна”, изјави Милевски.