Европската фудбалска федерација и официјално ги повлече сите правни активности против Јувентус, Реал Мадрид и Барселона кои не се откажаа од намерата да го организираат елитното клупско натпреварување.
Една недела по одлуката на судот во Мадрид според која УЕФА мора да ги стопира сите активности против трите клуба, телата на европската асоцијација кои ги водеа процедурите за нивно санкционирање донесоа одлука тие да се поништат.
УЕФА се огласи со соопштените во кое се истакнува дека ќе ја почитува одлуката на судот и реши да го сопре целиот процес за евентуално санкционирање на клубовите за кои сметаше дека ги кршат правните регулативи на организацијата.
Комисијата за жалби донесе одлука целата процедура да се прекине и да има статус како никогаш да не била почната.
На крајот Европската фудбалска федерација потенцира дека ќе се обиде со сите правни средства во иднина да ги блокира сите обиди за евентуално организирање на ваков тип на натпреварувања кои ќе бидат надвор од нејзината јурисдикција.