Независни кандидати за разбивање на монополот на партиите или ,,Мала револуција,,. Максим Димитриевски и Жика Стојановски не ја добија поддршката од матичните партии и влегоа во трката за градоначалник. Изборните резултати според нив ќе имаат големо влијание во внатрепартиските односи. Очекуваат демократски промени и реформи.
Власта и опозицијата не се единствените политички противници на локалните избори. Очигледно е дека градоначалничката битка повеќе ќе се води меѓу довчерашните сопартијци.
Вчера од центарот на Куманово, во исто време се одржаа два митинга. Едниот на Максим Димитриевски кој настапува како независен кандидат, другиот на Оливер Илиевски поддржан од СДСМ. Димитриевски е убеден во победа и очекува по завршувањето на изборите да има повисоко ниво на демократија во неговата довчерашна партија СДСМ .
ОД СДСМ велат дека нивната намера не била да се саботира митингот на Димитриевски. Во текот на целата изборна кампања тие ќе имале секојдневно по два централни каравани кои биле однапред закажани. Таков бил и случајот вчера со Битола и Куманово.
Но незадоволни има и во ВМРО ДПМНЕ. Жика Стојановски кој 16 години раководи со општината Илинден, не ја доби поддршката од партијата за петти мандат.
ВМРО ДПМНЕ не очекува промени на конгресот на партијата кој треба да се одржи во ноември.
Јулијана Пешевска