Ковид19 Македонија Најважни

Во последните десет дена 9% од жртвите на ковид, починале во домашни услови

Бројот на починати од КОВИД се намалува минимално и покрај тоа што бројот на новозаразени веќе две недели бележи пад. Црниот биланс секојдневно е околу 30 жртви, дневно, но се почесто се појавува дека заболените умираат дома наместо во болница.

Според достапните податоци од министерството за здравство, во последните десет дена процентот на починати во домашни услови изнесува 9 проценти. Од 8-ми септември до денес, починале вкупно 267 заболени од корона. 24 од нив не стигнале до болница туку починале во домашни услови. Нјамногу жртви од Ковид во домашни услови имаше пријавено на 9-ти септември, дури 4-ца.

И порано се случуваше да има пациенти кои ќе настрадаат од ковид во домашни услови, но процентот беше многу понизок отколку овие изминати денови. Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје од пред 4 дена, процентот смртни случаи во домашни услови бил понизок за половина отколку состојбата со последните десет денови.

Од вкупно 6.277 смртни случаи до тој извештај, од почетокот на пандемијата, во домашни услови починале 371 пациент или 5,9 % што е за три одсто помалку од галопирачкиот тренд последните денови.

Од надлежните нема прецизно објаснување зошто се појавува ваква трагична разврска со ковид пациентите кои се лекуваат дома, а не во болница. На почетокот на неделата на болничко лекување беа 983-ца пациенти. Здравствените власти претходно образложуваа дека брзите смртни случаи во болница се јавуваат кај невакцинираните кои подоцна се однесени во болница на хоспитализација.

Од друга страна пак не е испитано зошто расте бројот на жртви во домашни услови и дали починатите барале да бидат во болница или пак биле вратени на домашно лекување поради послаби симптоми кои брзо ескалирале.

Големите бројки на ковид жртви и натаму ја одржуваат Македонија на 4-тото место по смртност на милион жители во светски рамки. Пред Македонија се само Перу, Црна Гора и Унгарија, а Македонија има 3.070 починати на милион жители.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Среде пладне кавадарчанец се напил и стигнал до 2,52 промили- полицијата го фатила кога излетал од патот

Дејан Дејан

Живојно – клуч за стабилно домашно производство на струја

Дејан Дејан

Завршни зборови за судењето за модуларната болница од Тетово

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе