Македонската фудбалска репрезентација вечерва од 20 часот и 45 минути во рамките на квалификациите за Светското првенство ја пречекува селекцијата на Ерменија.
Според постигнатите резултати во досегашниот тек од квалификациите вечерашниот дуел во Скопје е дерби во Ј конкуренцијата бидејќи тоа се двата национални тима кои во моментов по три одиграни натпревари се водечки на табелата пред фаворизираните селекции на Германија и Романија.
На вечерашниот меч на арената Тодор Проески на клупата на македонската репрезентација ќе дебитира новиот селектор Благоја Милевски, кој по завршувањето на Европскиот шампионат го презема кормилото на националниот тим.
Воедно по подолга пауза ова е прв меч во кој нема да настапи капитенот Горан Пандев, кој по историскиот настап на континенталното првенство се повлече од настапите за репрезентацијата, а по неговите стапки тргнаа уште Иван Тричковски и Крсте Велкоски. По повлекувањето на Пандев, капитенската летна од денешниот натпревар ќе ја носи Стефан Ристовски.
“Пред се сакам да ја искажам мојата благодарност до Пандев, Тричковски, Велковски кои веќе не се дел од репрезентацијата, а дадоа многу. Неминовно беше одредено освежување на тимот, иако голем дел од составот го сочинуваат фудбалери кои веќе беа тука. Сета наша концентрација е насочена кон тоа да функционираме како тим. Времето е кратко, но тоа што го видов од момците ми дава за право да бидеме позитивни”, изјави Милевски.
Поради повреда претстојните три натпревари ќе ги пропушти Аријан Адеми, а новиот селектор на репрезентацијата се реши да повика четири дебитанти Тодор Тодоровски, Никола Серафимов, Бојан Миовски и Јани Атанасов, а во националниот тим по подолга пауза се враќаат Адис Јаховиќ, Никола Ѓорѓев и Дејан Илиев.
Репрезентацијата на Ерменија ни е добро познат противник. До овој момент сме одиграле дури 10 натпревари во кои и двете селекции имаат по четири победи, а два меча завршиле нерешено.
Селекторот Милевски на вечерашниот натпревар може да смета на сите фудбалери додека неговиот колега Хоакин Капарос поради два жолти картони нема да ги има на располагање поранешниот фудбалер на Вардар, Тигран Барсегјан, Корен Бајрамјан и Варзат Харојан, а во составот се враќа првата ѕвезда во екипата Хенрик Мкитаријан.
Во нашиот состав четири фудбалери Езѓан Алиоски, Елиф Елмас, Бобан Николов и Дарко Велковски мора да внимаваат да не заработат жолт картон бидејќи тоа ќе значи пауза од еден натпревар и тоа на гостувањето во Рејкјавик в недела.
Натпреварот почнува во 20 часот и 45 минути, според новите епидемиолшки правила дозволено е присуство на 16.000 гледачи, а на трибините може да влезат сите оние со приложен сертификат за примени две дози на вакцина или прележан Ковид-19 во последниве 45 дена.
ФОТО: Игор Паневски