Свет Топ вести

Олаф Шолц фаворит за канцелар на Германија

Кандидатот на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), Олаф Шолц, победи во синоќешната дебата на тројца кандидати за канцелар одржана четири недели пред парламентарните избори во Германија на 26 септември.

Според анкетата спроведена од Форса, 36 проценти од гласачите веруваат дека Шолц е победник во дебатата, 30 проценти од нив и дадоа предност на кандидатката на Зелените Аналена Баербок, а 25 проценти на лидерот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Армин Лашет.

Кандидатот на конзервативната партија се обиде да даде нов замав во неговата кампања во дебатата во живо со двајцата главни противници, откако анкетите покажаа дека неговата партија заостанува зад СПД и го критикуваше кандидатот на СПД Шолц дека не ја исклучил коалицијата со екстремно левичарската партија Линка, коментираат локалните медиуми.

– Од време на време почувствував ветер во лице, исто како што го чувствувам сега, рече Лашет во завршните зборови.

– Но, не чувствуваме ли сите како ветрови на промена дуваат во нашите лица? Во вакви времиња, треба да бидеме непоколебливи, сигурни и да го задржиме внатрешниот компас. Тоа е она што го нудам, додаде тој.

Изборите во Германија ќе се одржат на 26 септември, кога Ангела Меркел ќе се повлече од функцијата канцелар по 16 години и четири изборни победи. Нејзиното заминување ја ослабна поддршката за конзервативниот блок.

Лашет поголемиот дел од дебатата разменуваше реплики со кандидатката на Зелените Аналена Баербок, која ги обвини ЦДУ и СПД дека прават премалку за борбата против климатските промени, особено со оглед на разорните поплави ова лето.

– Очигледно немате план, рече Баербок, која се залага за инсталирање соларни панели на секој покрив и забрана за продажба на автомобили со мотори со внатрешно согорување од 2030 година.

Лашет, кој беше цел на критики откако беше фатен на камера како се смее за време на посетата на град погоден од поплави минатиот месец, рече дека политиката на Баербок ќе и наштети на германската индустрија.

– Прво ја тресете индустријата, а потоа им велите да го забрзаат развојот. Не знам дали граѓаните ќе разберат се во програмите што ги покажа госпоѓа Баербок, додаде тој подоцна.

Министерот за финансии Олаф Шолц, кандидатот на СПД кој води според анкетите, остана мирен во дебатата кога атмосферата се вжешти, фокусирајќи се на финансиски теми како што се даноците и пензиите. Тој вети „општество што го цени почитувањето – почитувањето кон секого“.

– И затоа ни се потребни подобри плати, повисока минимална плата и, се разбира, стабилни пензии, рече тој, додавајќи дека климатските промени предизвикани од човекот мора да престанат и да се обезбеди дека за 10, 20 и 30 години „сè уште ќе имаме добри работни места“.

Поддршката за СПД порасна за два процентни поени на 24 проценти, што е најдобар резултат во последните четири години, покажува анкетата на ИНСА спроведена за Билд ам Зонтаг. Конзервативците паднаа за 1 поен на 21 отсто, што е нивниот најнизок резултат.

Во хипотетичко директно гласање за канцелар, анкетата на ИНСА покажа дека Шолц ќе освои 31 процент од гласовите, Лашет 10 проценти и Баербок 14 проценти.

И покрај водството во анкетите, на СПД и понатаму и е потребна поддршка од две партии за да може да формира влада.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сенатот го усвои „големиот прекрасен закон“ на Трамп

Дејан Дејан

Топлотен бран ширум Европа – повеќе земји бележат рекордни температури за овој период од годината

Дејан Дејан

Изборниот законик пример за различни предизвици во реформската агенда

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе