Меѓу бегалците од Авганистан, кои стигнаа на Бaлкaнот, пред се во Албанија и ноќеска во Косово главно се жени и деца, бегалци пред новите талибански власти. Во Албанија е и поранешна заменичка министерка за рударство и нафта, која избегала со двет деца во моментите на големиот терористички напад кај аеродромот во Кабул. Бегалците кои треба да стигнат во Македонија досега уште не успеале да стасаат до аеродромот во авганистанскиот главен град, велат извори од владата.
На информативните табли на скопскиот меѓународен аеродром се уште нема лет од истокот кој ќе донесе бегалци од талибанскиот режим. Предвидени се 780, но досега не стигнал никој, а од владини извори објаснуваат дека кога бегалците кои се предвидени за Македонија успеат да се качат на лет од Кабул, партнерите веднаш ќе известат за да се подготви прием на аеродромот.
Операцијата е при крај, а рокот е до утре бидејќи талибанците треба да ја преземат контролата врз кабулскиот аеродром кој преживеа бегалски хаос и тежок терористички напад.
Во соседството веќе стигнаа првите хуманитарни бегалци, во приморската општина Голем во Албанија е сместена и Газаал Хабибиар, поранешна заменичка министерка во владата на Авганистан во 2008-ма.
Газаал студирала во Австралија и оттаму се вратила во татковината, а по работа во владиниот тим била ангажирана и во меѓународни организации за развој на државата.
15 години по враќањето избега. Во рацете ја носела двомесечната ќерка, до себе 6 годишниот син Хамза, родени во Авганистан, но веќе деца бегалци.
-Кога полетавме, синот заплака. Не сакаше да си замине. Се обидов да го смирам и зборувавме, си дадовме ветување. Му реков ќе ми ветиш – да учиш, да бидеш некој и да се вратиш (во Авганистан). И тоа е она што ќе го направиме, низ солзи раскажува Газаал Хабибиар, бегалец од Авганистан, сместена во Албанија.
Нивното заминување се случило речиси истовремено со терористичкиот напад кој однесе над 170 животи. Во аеродромската зграда чекале 40-тина минути, слушале силен звук во воздухот, најави за одлагање на летот но на крај се качиле во авион кој полетал во брз вертикален успон за да се избегнат ракетни напади.
И Хабибиар вели дека евакуацијата требало да се организира подобро.
-Оваа катастрофа, оваа човечка катастрофа што се случува во моментов можеше да се спречи. Целиот процес на евакуација можеше да се управува многу подобро. Има моменти во твојот живот кога се чувствуваш виновен зошто си жив. И ние можевме (да загинеме во нападот), дефинитивно, изјави Хабибиар, која е и поранешна заменик-министерка во Авганистан.
Во Албанија досега стигнаа 457 бегалци, во Косово исто така ноќеска пристигнаа првите авганистански бегалци, 111-мина главно жени и деца.
Во Македонија која учествува во оваа хуманитарна операција засега нема најава, а околу 780 бегалци веќе се проверени од безбедносните служби.
Миомир Серафиновиќ