Македонија има европски шампион во карате. Стефан Стојановиќ го освои златниот медал на Европското младинско првенство што се одржува во Тампере, Финска. Претходно на нашата држава медали и донесоа и Андреј Басаров и Матеј Белистојаноски.
Стојановиќ денеска триумфираше во јуниорска конкуренција во категоријата над 76 килограми. Младиот каратист на Макпетрол во финалето го совлада Италијанецот Матео Аванзини. Претходно македонскиот репрезентативец победи четворица натпреварувачи за да стигне до големото финале.
Денеска медал на нашата селекција и донесе и Матеј Белистојаноски, кој во категоријата до 55 килограми ја освои бронзата. Вчера сребрен медал освои Андреј Басаров во категоријата до 70 килограми во кадетска конкуренција.
Ова е огромен успех за македонското карате кое продолжува со традицијата да биде нашиот најтрофеен спорт кога се во прашање големите натпреварувања и во младинска и во сениорска конкуренција.
На Европското првенство во Тампере учествуваат над 1.000 каратисти од 45 земји.