Нема претседателски потпис на измените на Изборниот законик доколку во него остане прагот од два проценти поддршка од вкупниот број на гласачи во општината за поднесување на независни совентички листи.
Со ваквиот став на претседателот Стево Пендаровски извесно е дека и да бидат донесени во собранието измените на Изборниот законик претстојните локални избори нема да се одржат со два проценти праг за поднесување независни советнички листи.
За шефот на државата нелогично е да се потребни повеќе потписи за поднесување на советничка листа на локални избори отколку да се кандидираш за претседател на државата.
Според него и препораката на ОБСЕ е прагот за поднесување на независни листи да биде не поголем од еден процент од регистрираниот број на гласачи.
Пендаровски притоа вели дека потпис на измените на Изборниот законик ќе стави само доколку законот биде амандмански подобрен.
За тоа што измените се носат непосредно пред локалните избори за шефот на државата не е проблем доколку измените добијат истовремено и политички и поширок општествен консензус, поточно доколку бидат прифатени истовременои од политичките партии и од граѓанските иницијативи кои најавуваат свое учество на локалните зибори.
Локалните избори инаку ќе се одржат на 17 октомври што е и законски карен рок за нивно одржување, што денеска го најави собранискиот спикер, Талат Џафери.
„Имајќи предвид дека се редовни избори од распишувањето до денот на гласањето треба да се обезбеди минимум 70 дена, а максимум 90 дена и во тој период настапуваат обврските на ДИК која треба да го направи Роковникот за спроведување на изборните активности, правејќи ја таа математика 6 август е крајниот рок кога ќе бидат распишани локалните избори“, соопшти Талат Џафери, претседател на Собранието.
Инаку измените на Изборниот законок се блокирани со околу 740 амандмани, за кои Џафери денеска информираше дека се сите уредни, односно дека нема технички и други пропусти во амандманите поради кои тие би биле одбиени. Поголемите политички партии кои се усогласија околу измените во Изборниот законик сега се соочуваат со негова блокада од помалите политички партии во Собранито и она што неофицијално се дознава, е дека меѓу пратеничките групи се водат разговори тоа да биде надминато.
Инаку според Џафери формално-правно нема пречка измените да бидат усвоени непосредно пред одржување на изборите, до старот на роковите за поднесување на советнички листи и кандидатури, односно крајниот рок за тоа би било средината на септември.
Но од етички и практичен аспект тоа би било дискутабилно, пред се што институциите со тоа непосредно пред изборите, смета Џафери, би се соочиле со новини во постапувањето околу изборите кои досега го немале, што би можело да создаде пречки.
Тамара Грнчароска