Трудница е една од седумте до сега потврдени случаи со делта сојот во Македонија. Дојдена од Шведска, таа и нејзиниот свекор со симптоми на коронавирус се хоспитализирани во приватна болница, по што е потврдено присуството на делта сојот кај нив. Двата потврдени случи со делта сојот во Тетово пак се татко и син дојдени од Германија кон средината на минатиот месец, а кај кои вирусот е откриен кога направиле ПЦР тест за да се врата во Германија каде живеат и работат. Тие додека не го направиле тестот немале никакви симптоми на болеста.
Телма денеска доби потврда од Министерството за здравство дека трудница е една од случаите кои се потврдени со делта сојот во земјава, а инаку од вчера во истата болница поради коронавирус е хоспитализиран и трет член од истото семејство, свекрвата на трудницата, но до сега се уште нема потврда дали и таа го има делта сојот. Во меѓувреме, се чекаат резултатите од тестирањата на коронавирус од уште неколку члена од нивното семејство. Свекорот пак кој десетина дена одбивал да се лечи, поради влошувањето на состоојбата е хоспитализиран и поставен на респиратор. Телма од извори од болницата дознава дека состојба на хоспитализираните се следи од час во час, бидејќи делта сојот создава речиси идентична клиничка слика како кај заболените со британскиот сој и е многу непредвидлива.
Од Центарот за јавно здравје во Тетово пак за Телма освен што потврдија дека таткото и синот немале симптоми на коронавирус кога биле тестирани, информираат дека членови од нивното семејство со кои имале контакт во моментов се наоѓаат во домашна изолација и се следи нивната состоојба.
Министерот за здравство денеска изјави дека последните потврдени случаи со делта сојот се од вчера, односно дека во моментов во земјава нема нови потврдени случаи.
„Последните беа тие вчераши дијагностицирани пациенти во лабораторијата во МАНУ“, изјави Филипче.
До сега сите случаи на делта сојот во земјава се увезени, односно се работи за лица кои или не живеат во Македонија или патувале во странство. Сепак властите се уште не донеле одлука за воведување контрола на границите, за што најавите се дека ќе разговараат деновиве.
„Ќе видиме, ќе известиме за состанокот. Претежно ќе се зборува за тоа дали треба нешто да се препорача во однос делот на критериумите за влез на границата, иако гледаме дека многу земји во регионот имаат некакви рестриктивни мерк, Грција на пример, има пораст на случаите. Значи треба да се препорачаат мерка која што навистина ќе биде ефикасна“, изјави Филипче.
Филипче и денеска го повтори ставот дека воведување рестриктивни мерки не значи дека тие ќе го спречат ширењето на делта сојот, при што повтори дека единствена превенција од ширењето на вирусот е вакцинацијата.
Тамара Грнчароска