Ашраф Хакими од денеска и официјално е нов фудбалер на ПСЖ. Францускиот тим за Мароканецот на Интер му плати 70 милиони евра обештетување.
Десниот бек одигра фантастична сезона во дресот на „нераѕурите“ и беше еден од најзначајните играчи во освојувањето на италијанското првенство покрај Ромалу Лукаку и Лаутаро Мартинез. Сепак, финансиските проблеми на Интер го натераа раководството да го продаде Хакими.
Италијанскиот првак ќе инкасира 60 милиони евра обештетување и дополнителни 10 милиони во бонуси. Хакими потпиша петгодишен договор со парижаните.
Тој дојде во Интер минатото лето од таборот на Реал Мадрид за 45 милиони евра, откако претходно две сезони блескаше за време на позајмицата во дресот на Борусија Дортмунд. Хакими официјално е второто летно засилување за ПСЖ по Џорџињо Вајналдум, а наскоро се очекува за клубот да потпишат и голманот Џанлуиџи Донарума и Серхио Рамос.