Поранешниот менаџер на Ливерпул, Рафаел Бенитез седна на клупата на градскиот ривал Евертон. Искусниот 61-годишен Шпанец потпиша тригодишен договор со „карамелите“ и ќе го наследи Карло Анчелоти, кој си замина за повторно да биде тренер на Реал Мадрид.
Последен клуб на Бенитез во Премиерлигата беше Њукасл, кој го напушти во јуни 2019 година за да замине во Кина во тимот на Далијан.
Тој ќе биде само вториот менаџер во историјата што ги водел и Ливерпул и Евертон. Првиот е Вилијам Едвард Баркли, кој го водел Евертон во 1888 година, а потоа бил дел од основачите на Ливерпул, клуб кој го водел четири години од 1892 до 1896 година.
Бенитез шест сезони ги водеше „црвените“ од „Енфилд“ со кои освои Лига на шампиони во 2005 година. Во премиерлигата го предводеше и Челси, а од останатите големи клубови беше на клупата и на Интер, Наполи, Реал Мадрид и Валенсија.