Двајца претседатели, пет премиери, 10 министри за надворешни работи, ќе бидат дел од најголемата конференција организирана во земјава, „Преспа форумот на дијалог“, која во Охрид и Отешево на 1 и 2 јули, освен нив, на исто место ќе собере околу 300 гости – високи претставници на влади, на меѓународни организации и тинк-тенк групи.
Во основа „Преспа форумот на дијалог“ на тема „Западен Балкан – делот кој недостига за Европа да биде целосна“, кој е во организација на Министерство за надворешни работи на Македонија, под покровителство на премиерот на Владата, се наоѓаат три столба – Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателството со Бугарија и Договорот од Преспа. Според миниистерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи, овие три договори создаваат една нова, алтернативна слика не само за земјава, туку и за регионот. Догоговорите ја прават Македонија автентична приказна, која со својот пример на функционално мултиетничко општество и договорите со соседите, ги руши сите нон-пејпери кои изминатиот период се појавија во јавноста за прекројување на границите во регионот.
Конференцијата официјално ќе ја отвори премиерот Зоран Заев, а говорници ќе бидат поранешниот премиер на Грција, Алексис Ципрас, медијаторот во спорот со Грција Метју Нимиц, помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Филип Рикер, поранешната Висока претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, поранешниот специјален претставник на ЕУ Ален Ле Роа, еврокомесарот, Јоханес Хан. На конференцијата, ќе учествуваат и специјалниот претставник на САД за Балканот, Метју Палмер.
Инаку еден ден пред стартот на конференцијата, на 30 јуни, во Охрид ќе се одржи и неформален состанок на шефовите на дипломатиите на земјите од Западниот Балкан – Б6, на иницијатива на македонскиот министер, Османи, а на форумот пак ќе се одржи и првиот панел на Конференцијата за иднината за Европа со земјите од Западниот Балкан.