Анкети, истражувања, испитување на рејтинзи, споредби, стратегии, планирања…
Во партиските штабови „врие“ од вакви активности. Ке се одвиваат цело лето, за да може во втората половина на август да се дефинираат кандидатите за советници и градоначалници, како и изборните кампањи.
Претседателството на СДСМ работно ќе го помине овој викенд во Струга. Од партијата велат дека се работи за редовна средба, односно за „стратешка работилница на раководството за кампања“.
Но, се очекува да бидат разгледани сите предизборни прашања, како и резултатите од партиските сондажи за мислењето на граѓаните за одредени можни кандидати на локалните избори.
За некои актуелни градоначалници, кандидатурата за втор мандат е се поизвесна. Од синоќа, Максим Димитриевски е меѓу нив.
Тоа, во свој стил, го потврди и лидерот Зоран Заев, при престојот во Куманово заради реновираното игралиште на Спортскиот центар Соколана.
Листата на кандидати од СДСМ ја предводи градоначалникот на главниот град, Петре Шилегов, кој е уверен во уште една победа.
Од ВМРО ДПМНЕ се уште не објавуваат кој ќе биде нивниот фаворит, иако неофицијално се говори дека поранешниот прв човек на Скопје, Коце Трајановски, убедливо води на партиските анкети.
Во ВМРО ДПМНЕ се уште не се завршени анкетите кои треба да ги исфрлат имињата со највисок рејтинг. Се анализираат неколку илјади потенцијални кандидати за градоначалници и советници, дел од нив партиски кадри, но и голем дел непартиски.
Соња Николовска