Без споменување на проширувањето во заклучоците заврши денеска Европскиот совет во кој до минатата недела се полагаа надежите дека е можно да биде европски самит на кој Македонија и Албанија ќе го добијат посакуваното „да“ за старт на преговорите.
Досиеата на двете земји беа затворени пред три дена, на Советот за општи работи, со повторувањето на бугарското „не“, по што проширувањето дури ни протоколарно не влезе во заклучоците од состанокот на европските лидери, а кои се усогласиија околу справувањето со пандемијата со Ковид-19, економското закрепнување, миграцијата, Русија, Белорусија, Турција.
Во земјава пак не стивнуваат реакциите по повтореното изрично не од Софија, по што и денеска во тој контекс се испраќаа пораки до европските политичари. Премиерот Зоран Заев на фејсбук напиша дека преговорите на земјава со ЕУ не смеат да се престорат во преговори со Бугарија, со барање Унијата да најде формула како да си го одржи зборот даден за проширувањето.
„Нашиот напредок во ЕУ интеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнување на европските стандарди. Европските лидери мора сериозно да земат предвид дека бескрајните и повторувачки разочарувања неминовно им ја отвораат вратата и ги охрабруваат евроскептиците“, напиша премиерот Заев на фејсбук.
Заев во постот изнесува став дека во преговорите или во рамката за преговорите не треба да се внесуваат билатерални прашања, додавајќи дека тоа би било опасен преседан, а го повторува и тој дека македонскиот национален идентитет едноставно е невозможно да биде предмет на преговори.
За министерката за одбрана Радмила Шекеринска пак билатералните спорови се двонасочна улица во барање на решение, а очекува да стануваат и се погласни критичарите на блокадата од Софија.
„Прашањето во билатералните спорови не е само што можете вие да направите, прашањето е што ќе направи и втората страна. Не можете вашиот опптимизам да го искористите за да ја сработите нивната задача… Со добри резултати убеден сум дека ќе ги демантираме и најголемите скептици, а гласот против блокирање од било кого се повеќе ќе расте. Вие видовте дека во последните денови по одлуката на Бугарија посилна е критиката која што доаѓа од другите европски градови, отколку од разочарувњето и критиката која оправдано доаѓа од кај нас“, вели Шекеринска.
Реакции освен од Македонија продолжуваат да стигаат и од Албанија прит што албанскиот премиер Еди Рама во интервју ги повтори критиките кои ги кажа пред два дена во Скопје на сметка на неисполнувањето на вететното од страна на ЕУ.
„Европскиот совет не е способен да донесе одлука. Ова секако има врска со некои прашања кои се појавија меѓу Северна Македонија и Бугарија, но сепак за нас е тоа многу фрустрирачки и истовремено открива, искрено, и нешто лошо од тоа, а тоа е дека се навикнуваме на тоа што ЕУ повторно и повторни не ги исполнува своите ветувања“, изјави Рама.
Следната можност стартот на преговорите со Македонија и албанија д асе најде на маса пред европските лидери е оваа есен.
Тамара Грнчароска