Свет Топ вести

Израелскиот Кнесет ќе гласа за новата коалициска влада

Се очекува денеска израелскиот парламент, со исклучително тесно мнозинство, да го одобри формирањето на новата коалициона влада, која за прв пат по 12 години, нема да биде водена од досегашниот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Најдолговечниот премиер во историјата на Израел со години се соочува со корупциски скандали, за кои веќе се води и судски процес, но сепак тој не престана да победува на изборите. Иако, за волја на вистината, неговото мнозинство се намалуваше, како и неговите политички сојузници. Ист беше случајот и на последните вонредни избори, каде неговиот Ликуд повторно освои најмногу пратенички места, но за разлика од минатото, овој пат никој не сакаше да коалицира со него.

Иако изминативе години незадоволството од Нетанјаху растеше, сепак голем дел од јавноста сѐ уште е на негова страна.

Тоа што ме полудува е што тој е единствениот кој што можеше да му се спротивстави на целиот свет и Иран. Иако најчесто тоа беше само на зборови, сепак успеваше да го заплаши светот, давајќи им чувство на безбедност на луѓето во оваа земја, вели жителот на Ерусалим Јаков Харуш.

Новата влада во Израел, ако сѐ помине како што треба во Кнесетот, ќе биде нешто невидено до сега на политичката сцена во 73 годишното постоење на државата. Таа ќе биде составена од дури 8 политички партии, најширока коалиција до сега, не сметајќи ги владите на национално единство како што беше последната. За прв пат во историјата на земајта во владата ќе учествува и една арапска партија, а 8 од министерствата ќе ги водат жени.

Многу сум возбуден за новата влада, луѓето кои ги избравме од лево и десно, Арапи и Евреи, религиозни, нерелигиозни, можеа да се обединат и да формираат коалиција. Многу сум горд. Тоа е пример како Израелците живеат заедно, коегзистираат, смета Шарон Слакман, жител на Израел.

Иако поголемиот дел од аналитичарите го поздравија овој диверзитет, сепак сметаат дека тој може да биде и најголемата закана за опстанокот на оваа коалиција. Тоа е нешто што е очигледно и за израелската јавност.

Нема да трае, тоа е моето мислење, и сигурен сум дека нема да трае повеќе од еден месец. Ќе се распадне. И претходно имало обиди за укинување на еврејската вероисповед, тврди Мајкл Дајан, жител на Ерусалим.

Токму учеството на арапската партија, за познавачите, ќе биде проблематично кога повторно ќе се појават тензии меѓу Израел и Палестинците во Газа и на Западниот брег. Покрај тоа, две од останатите партии се ултрадесничарските Јамина и Нова надеж, кои се жестоки подржувачи на политиката на проширување на контроверзните населби. Во коалицијата учествуваат уште и по две центристички и две левичарски партии, кои се залагаат за легализација на испололови бракови, на што арапската партија категорично се противи. Нафтали Бенет, лидерот на Јамина, кој ќе биде премиер првите две години од мантатот, запрашан како ќе функционира коалицијата со толку многу различни идеологии, рече дека нема да биде побарано од никој да се откаже од својата идеологија, туку остварувањето на некои соништа ќе треба да биде одложено.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сенатот го усвои „големиот прекрасен закон“ на Трамп

Дејан Дејан

Топлотен бран ширум Европа – повеќе земји бележат рекордни температури за овој период од годината

Дејан Дејан

Изборниот законик пример за различни предизвици во реформската агенда

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе