Граѓаните лани платиле најмалку 87 милиони евра по приватни болници и лабаратории. Околу 77 завршиле во касите на дел од приватните клиники, а 10 милиони евра за ковид и други тестови во приватните лабаратори. И додека државата тврдеше дека успешно се справува со пандемијата и има слободни болнички кревети и термини за тестови, и профитот на приватните клиники и лабаратории се искачи до плафон.
Така дел од приватните болници дупло заработиле лани во однос на 2019 година, а некои од лабараториите прикажаа неверојатен раст на профитите – од над 7.600 проценти. За експертите, тоа е класично воено профитерство. Уште лани дел од граѓанските оганнизации побараа од Владата да ги стави под контрола цениите во приватните клиники, но тоа не се случи. Велат додека граѓаните умираа, приватните болници им бараа енормни суми за да ги сместат.
Сметам дека кога станува збор за таква состојба сите приватни капацитети во државата, зборувам за здравствени капацитети треба да и бидат оставени на располагање на државата и на граѓаните. Ако ни се случи повторен бран, навистина ќе мора да се преземе нешто затоа што овие профити кои што се остварени за време на пандемија, навистина не наликуваат на ништо друго освен на воено профитерсто, вели претседателката на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска.
Бројките покажуваат дека приватната болница Аџибадем Систина лани заработила 5,9 милиони евра, или за 89 % повеќе од претходната 2019-та година. Клиниката Жан Митрев пак лани има раст на профитот од 100 проценти. Заработила 8,1 милиони евра. Ре – Медика има профит од 1 милин евра, но таа не примаше ковид-пациенти, туку таму се слеваа пациентите со итни интервенции, бидејќи државните клиники беа ковид.
Пандемијата ги дигна профитите и на лабораториите. Лани „Авицена“ заработила речиси 1,6 милиони евра исто колку и „Биотек“. Додека пак „Синлаб“ има профит од 433.000 евра. Но она што е најинтересно е растот на добивката кај лабараториите лани во однос на 2019 година. Кај Биотек е неверојатни 7.622 %, Кај Авицена 803%, а кај Синлаб 359%.
Властите никогаш не одговорија зошто не ги ограничија цените во приватното здравство за да ги заштитат граѓаните. Иако се договорија со приватните клиники, хотелот ИБИС никогаш не прими ниту еден пациент. А Законот со кој сепак после една година од пандемијата одлучија да интервенираат во цените во приватните клиники, се уште е заглавен во Собранието.
Александра Филиповска