Нема собраниска поддршка за Законот за урбанистичко планирање. Тргнат е од дневниот ред на Комисијата за транспорт и врски и испратен на доработка. Министерстерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, се согласува со стручна дебата, но не и со блокада.
ВМРО-ДПМНЕ бара да не се брза со законот и да не се носи во скратена постапка.
Најспорен дел во законот е воведувањето можност за реализација на Детален урбанистички план донесен во согласност со Генерален план кој престанал да важи. Ова би било исклучок и би се применувал ако намената на градбата е иста и ако не ја попречува сообраќајната мрежа. Дел од граѓанските организации и урбанистите, го поврзаа со ДУП-от кај Холидеј ин.
Според стариот план, дозволена е изградба на три висококатници на вкупна површина од 600 илјади метри квадратни во кои би живееле околу 5 илјади граѓани. ГУП, кој е акт од повисок ранг, сега дозволува во сите три згради да живеат вкупно илјада 250 граѓани.
Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, вчера рече дека со овој закон, ќе се овозможи побрзо донесување нов план со кој ќе се замени стариот, во ситуација кога нема правни пречки за да се спречи примена на старите ДУП-ови.
Деновиве, Обвинителството за организиран криминал отвори предистражна постапка за повеќе службени лица. Антикорупциската комисија веќе утврди дека двајца поранешни градоначалници ги прекршиле своите овластувања и овозможиле да се донесат ДУП-ови што не се во согласност со ГУП.
Соња Николовска