Одговорност од управата за водење матични книги мора да има. Ова го побара заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска презентирајќи го посебниот извештај. Ни едно дете според конвенцијата за правата на децата не смее да остане без име, без датум на раѓање, матичен број и без државјанство, а во земјава повеќе од половина од луѓето кои се пријавиле за матичен број се деца.
Законот за евидентирање е донесен уште во 2018 -та а на повикот како луѓе без матичен број се пријавиле 659. Но само 211 до управата доставиле документи за упис во посебната матична книга. 70 проценти пак, сè уште немаат поднесено барање, а тоа според извештајот е поради долгата бирократија и неажурноста на управата.
Во креирање на извештајот учествувале повеќе невладини организации не и ромската Амбрела, и покрај тоа што од луѓето кои немаат матичен број дури 428 се Роми. Извештајот доаѓа откако во јавност оддекна веста дека матурантот Тони Салии ненадејно починал. Тој со години поминуваше голгота по институциите убедувајќи ги дека треба да добие матичен број. Почина без извод од книгата на родени. Луѓето како него живеат без здравствено осигурување, не можат да се вработат, ниту пак да ги имаат основните човекови права.
Билјана Николовска