Вести Македонија Топ вести

Отворена предистражна постапка за спорниот ДУП кај хотелот „Холидеј Ин“

Обвинителството не остана глуво на укажувањата од антикорупционерите за спорниот Детален урбанистички план кај хотелот „Холидеј Ин“. Отворена е предистражна постапка и веќе се собираат докази за сомнежите дека повеќе службени лица помеѓу кои и двајца поранешни градоначалници на Општината Центар од 2009 до 2013 година и од 2013 до 2017 година – од позиција на моќ не постапувале и овозможиле да биде изгласан спорен Детален урбанистички план кој не е во согласност со Генералниот урбанистички план.

Според информациите на Телма предметот го води обвинителката во Организиран криминал, Наташа Поп Трајкова – новизбрана во последниот избор на Советот на обвинители, која доаѓа од струмичкото јавно обвинителство.

„Предметот за кој покажувате интерес е во предистражна постапка, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција активно постапува. Кога ќе можат да се споделат повеќе детали што не пречат на постапката јавноста ќе биде навремено информирана.“

Уште 15 дена или до 17 јуни е рокот за достава на мислењето во однос на барањата за суспензија на ДУП-овите во Центар. Од Министерството за транспорт велат дека вкупно единаесет елаборати се доставени за суспензија.

„Дел се за цели Детални урбанистички планови, а дел се за поединечни делови. Доставен е и елаборат за суспензија за цела парцела кај „Холидеј Ин“. Министерството за транспорт и врски во рок од 15 работни денови треба да даде свое стручно мислење за особеностите и условите на планскиот опфат на поднесените елаборати. Би сакале да потенцираме дека одлуката за суспензија не ја носи Министерството, туку Општината. Рокот на достава на мислењето е 17 јуни.“

Во јавноста се појавија големи реакции во однос на предложените измени во Законот за урбанистичко планирање. Според дел од стручната јавност постои спорен член кој би овозможил спорните Детални урбанистички планови да поминат како законски, со променет Закон и тоа на иницијатива на општините.

Градоначалникот на Општина Центар запрашан за ова, ги повика експертите наместо преку Фејсбук – да и помогнат на Општината.

„Ако некој има конкретна забелешка, Општината е отворена. Ама тие треба да се вклучат и со реална документација да го докажат тоа што го тврдат, а не само по Фејсбук и по медиуми, бидејќи на нас ни треба конкретно. Со новиот Закон, со измените само ќе нѝ се придонесе што побрзо да одат роковите односно да не може по стопати да се враќа кај планер, па тој да постапува или да не постапува. Еднаш треба да се кажат забелешките за да може што побрзо да го донесеме Планот“ изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Претходно, Антикорупциска изготви извештај во кој детално образложија што тие истражиле околу целиот овој случај.  Претседателката на Комисијата која реферираше за извештајот кажа дека планерите иако знаеле дека Деталниот урбанистички план како план од пониско ниво мора да биде усогласен со Генералниот, сепак предвиделе поголема густина на населеност – спротивно на тоа што било предвидено во ГУП-от од 2002 година кој тогаш бил во важност.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Три автобуси и едно комбе рано утринава беа во пламен на плац на транспортна фирма во кочанската населба Оризари

Дејан Дејан

Штериева: Банките ги разгледуваат тарифите за намалување на провизиите

Дејан Дејан

Три министерства во „реформски минус“ од 40 милиони евра

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе