Македонија Топ вести

Тони замина, бирократијата остана

Тони замина, бирократијата остана. Детето кое 18 години немаше извод и матичен број, нема да има ниту посмртница, а нема ни одговорност за тоа што живееше како фантом и почина без да добие медицинска помош. Семејството најавува тужби за институциите кои со години ги влечат за документи, за медиумите кои објавија дека починал на улица, но и за докторите од Брза помош, кои таа вечер не дошле на повик затоа што пациентот бил млад.

Семејството направило се` што може за да му помогне, биле со него до 6 часот утрината, кога дошла и Брзата помош, но за да констатира смрт од непозната причина. Точната причина се` уште не се знае иако, братот на фејсбук објави дека првично ги информирале дека станува збор за излив во мозокот.Анализите во Судска медицина траат, а резултатите ќе бидат предадени во Обвинителството.

Државниот здравствен инспекторат се` уште не ја истражува постапката на лекарите, затоа што никој до нив не поднел претставка. Од Брза помош, пак, не сакаат да даваат изјави, велат, се` што имаат, ќе кажат доколку биде покрената постапка.

Заменичката-народен правобранител,  која со години се бореше и наидуваше на затворени врати кај институциите обидувајќи се да му помогне, вели дека овој случај ќе оди на совеста на сите надлежни државни органи.

Последните денови на 18- годишниот Тони му поминале учејќи за матурскиот испит,  поради што бил под притисок. Бил одличен ученик, со сите петки, а планот му бил да се запише на Правниот факултет. Училиштата  и невладината организација во која во меѓувреме работел биле единствените кои не му правеле проблем затоа што е човек без идентитет.

Роден е во вонбрачна заедница, од мајка која тогаш уште не била разведена формално од поранешниот сопруг. Матичното одделение затоа и одбиваше да му даде матичен број и да го впише во книгата на родени, занемарувајќи го фактот дека помеѓу неговите биолошки родители веќе постоела суштинска вонбрачна заедница.. Го оспорувале татковството и поминал вистинска голгота по институциите кои му го оспорувале и датумот на раѓање, па дури му барале и ДНК анализа. Брат му и сестра му, кои се родени во Србија, исто така за времетраење на вонбрачната заедница и формалниот брак на нивната мајка со поранешниот сопруг, сепак се запишани во матичната евиденција како деца на нивните биолошки родители.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Европа да се обедини, реформите се тешки, уставните измени главен услов – пораки од еврокомесарката Кос

Дејан Дејан

Министерство за енергетика: Не се изгубени средства од Реформската агенда, обврските ќе се исполнат до јуни 2026 година

Дејан Дејан

Запленети 100 килограми марихуана во Струмица

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе