Македонија

Крајот на учебната година неизвесен во основното образование поради неисплатената прекувремена работа на наставниците

Крајот на учебната година е неизвесен за основците зашто во повеќе училишта во Македонија нивните наставници кои имале прекувремена работа не го добиле законски загарантираниот додаток на плата , согласно програмата за работа и протоколите за заштита од Ковид -19, рекоа од СОНК. Од таму прстот го вперија во Трудовиот инспекторат кој според нив не постапил по преставките и не утврдил прекршувања на работничките права. Од Инспекторатот демантираат со образложение дека во 16 училишта инспекторите утврдиле дека не се работело законски.

Доколку деновиве на платните списоци за наставниците во 50 основни училишта низ државата не бидат внесени додатоците за прекувремена работа поради делењето на паралелките на две групи, согласно антиковид протоколите за работа, тие ќе штрајкуваат.  А, од солидарност можно е да не заврши учебната година со подготвени свидетелства и педагошка документација во целото основно образование, децидни се од СОНК. Од таму велат дека сретствата за зголемениот обем на работа на наставниците биле префрлени од МОН до општините кои треба да ги проследат до училиштата, но од синдикалните организации и од локалните самоуправи им рекле дека пари нема. Негативен одговор добиле и од директорите на училиштата и од училишните одбори. Од СОНК бараат надлежните итно да го решат проблемот и го прозваа Државниот инспекторат за труд дека не констатирал кршење на работничките права на наставниците.

  • Морам да подвечам дека Трудовата инспекција во овој период се покажа тотално нестручно и непрофесионално , во однос на тоа што не можеше да препознае дека наставниците работат двојна работа. Од таа причина се губи вербата во институциите и луѓето практично губат верба за живот  и за престојување во државата. Ова е трагично, ова е страшно – Јаким Неделков- претседател на СОНК.

Но, од Трудовиот инспекторат велат дека постапиле координирано со Државниот просветен инспекторат и извршиле увид во 40 училишта.

  • Од страна на инспекторите , кај дел од училиштата се констатирани неправилности. Поточно во 16 училишта е констатирано дека не се води евиденција на полното работно време и на прекувремената работа и донесени се решенија по кои треба училиштата да постапат , односно да воспостават евиденција за полното работно време на наставниците, како би можела да се исплати прекувремената работа. Училиштата каде не се води евиденција на работното време се задолжени со решенија од страна на инспекторот , да се воспостави евиденција , согласно законот , за да може да се утврди дали одреден наставник работел прекувремено или не – Јована Тренчевска- директорка на Државниот инспекорат за труд.

А, во врска со упатените преставки од СОНК за приправничкиот стаж и работното време на вработените во градинките, од Трудовиот инспекторат рекоа дека се препратени до  надлежната Социјална и детската инспекција при МТСП.

Од МОН апелираат општините и училиштата да ги исплатат прекувремените часови на наставниците и рекоа дека на време ги уплаќаат сретставата кон општините, согласно динамиката на побарувања.

  • МОН уште во месец октомври (2020година) испрати писмо до сите училишта со кое ги потсети  на законските обврски дека за наставниците кои извршуваат работни задачи повеќе од полното работно време , треба да им се исплати надоместок за прекувремена работа, за што се обезбедени сретства.

Поради неисплатен додаток на плата на наставниците, одлучено е дека учебната година нема да биде завршена во едно основно училиште во Куманово. Прекувремената работа на наставниците е исплатена во училиштата во 10 општини во Македонија.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гала концерт „Од MOБ за Скопје“ на плоштадот „Мајка Тереза“

Дејан Дејан

Родителите на жртвите од „Пулс“ во понеделник ќе чекаат одговори од надлежните за нивните барања

Дејан Дејан

Семејствата на жртвите од „Пулс“ не веруваат на институциите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе