Култура Македонија Топ вести

Секоја година се намалува бројот на запишани студенти на македонски јазик

Секое чествување на јубилеј поврзан со македонскиот јазик, вклучувајќи го и чествувањето на „100 години од раѓањето на Конески“ се соочуваме со истото прашање години наназад, зошто се намалува бројот на студенти кои го изучуваат македонскиот јазик. Во 2020-та само 12 студенти се запишале да го изучуваат македонскиот јазик, а петмина книжевноста на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Ситуација „лет во место“. За професорот Људмил Спасов првата причина е отворањето нови катедри по македонски јазик на универзитетите во Битола, Тетово и Штип, кои имаат поинаква концепција што во дадениот миг е поприфатлива за студентите.

Втората причина за мене е многу важна дека треба да се изврши реформа на наставните планови и програми и со тоа да се направат попривлечни или поатрактивни за младите луѓе и поприменливи во практика, затоа што вакви какви што се навистина влечат корени од постари времиња кога Филолошкиот факултет  „Блаже Конески“ беше на некој начин монопол во оваа држава, вели професорот и претседател на советот за македонски јазик Спасов.

 

Забележлива е една тенденција за слаб одзив бидејќи самата професија не е доволно ценета во нашиот општествен систем, ниту пак во самиот образовен систем. Го нема оној респект што го имаа не само професорите по македонски јазик, туку воопшто професорите во првиот вториот и третиот циклус како што беше пред десетина дваесет години кога беше чест да се пренесува љубовта кон знаењето и јазикот воопшто пред новите генерации, оценува професорката Елизабета Бандиловска од Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“.

За деканката Дучевска серијата средби со поранешни и актуелни студенти е токму во таа насока, да се слушне нивниот глас и да се размислува за премостување на ваквата состојба во соработка со надлежните инстутуции.

Не очекува акредитација на сите студиски програми, вклучително и на оваа. Треба да почнеме во учебната 2023-та со нови акредитирани студиски програми и сега сме во тек на таква изработка. Се надевам дека ќе бидат прилично осовременети за потребите на ова време, вели професорката Анета Дучевска.

Бројот на македонските лекторатите во светот и понатаму се намалува.  За Спасов клучно е да се има јасна државна стратегија за отворање нови лекторати и опстојување на старите.  Зошто не се размислува за лекторат на некои од универзитетите во Албанија, забележува Спасов.

Најважната причина е дека има многу Македонци по потекло кои го употребуваат, го практикуваат македонскиот  јазик во Р. Албанија. Второ Албанија е државата која што го признава во Уставот македонското малцинство и трето Р. Албанија е единствената од околните држави каде што во училиштата се изучуваат предмети на македонски јазик, не само македонски јазик и литература, туки и физика и математика итн, вели професорот Спасов.

Слабиот интерес на новите генерации да го изучуваат македонскиот јазик и книжевност се должи на недостигот на мотивација, фактот дека многумина се соочија со неможноста за вработување и ниски плати на наставниот кадар, сметаат нашите соговорници.

Нина Стефанова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Почина најсиромашниот претседател на светот Хозе Мухика

Дејан Дејан

Британски парламентарци бараат санкции против Вучиќ

Дејан Дејан

Мицкоски ќе предложи нови кадри за позициите на Алијанса

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе