Идејни решенија случни на оние од времето на Никола Груевски. Вака актуелниот градоначалник на Куманово Максим Димитриевски ги искоментира фејзбук објавите на пратеникот од неговиот град Мартин Костовски. Костовски објави како би изгледал новиот фудбалски стадион кој конечно и е вратен на општината.
Ова е идејно решение за модерен фудбалски стадион со 3 трибини, со капацитет од 5.000 гледачи. Во Куманово се игра фудбал 100 години, заслужуваме како спортски град да се врати фудбалот на голема врата. Не станува збор за утопија и обична 3Д презентација, работите можат да се движат во вистинска насока ако се има желба, волја и иницијативност, напиша Костовски
Токму ваквата визуелизација но и други со кој се полни фејзбукот на Костовски го потсеќаат актуелниот градоначалник Максим Димитриевски на времето кога владееше ВМРО ДПМНЕ на чело со Никола Груевски.
Бидејќи секогаш сум бил реалист и човек што не сака да дава лажни ветувања а воедно ме боли за вистината сакам да ја информирам јавноста дека до ден денеска никој се нема консултирано ниту со мене ниту со службите во општината за реализацијата на вакви капитални проекти ниту пак истите се составен дел на развојната програма и буџетот на општината. Лесно е да се црта и да се даваат идеи, многу потешко е да се обезбедат средства и да се реализираат проектите, вели Димитриевски.
Телма се обиде да разговара со двајцата за да праша дали ова е битка за Куманово. И двајцата се членови а СДСМ и двајцата ги добиле функциите поради тоа што граѓаните им ја дале довербата поддржани од оваа партија. Актуелниот градоначалник Димитриевски не одговараше на телефонските и смс повиците. Пратеникот Костовски се јави, но не сака да коментира. Вели дека е локал патриот ама ќе чека што ќе покажат анкетите во рамки на партијата.
Скандалот со позитивниот на корона вирус градоначалник на Куманово се случи лани во април. Додека се лекуваше од вирусот излегол од самоизолација и со возило на брза помош заедно со сопругата дојде во Скопје на преглед. СДСМ го осуди овој чин а полицијата му поднесе кривична пријава но беше отфрлена од обвинителството во Куманово. По ова тој побара матичната партија да му се извини. Од тогаш се заладени односите со СДСМ па сега се понеизвесно е дали ќе добие повторна кандидатура за локалните избори кои се одржуваат во октомври годинава.
Билјана Николовска