Журка со диџеј, стотина лица без маски и дистанца, непочитување на сите здравствени протоколи, вака изгледаше вчера платото пред Музеј на Македонија. Снимката веднаш беше споделена на социјалните мрежи и ја разбранува јавноста, Директорката на Музејот на современа уметност Мира Гаќина вели дека не станува збор за забава, туку за музички перформанс на отворено во рамките на годинашното Биенале на млади уметници.
Сите посетители без исклучок во затворените простори носеле маски, на влезот им била мерена температура и направено дезинфекција на рацете, вели Гаќина. Сепак ситуацијата на отворено била сосема поинаква.
“Жал ми е што еден ваков програмски настан беше препознаен како атак врз јавното здравје. Се разбира уште од почетокот на пандемијата ние се однесуваме крајно одговорно кон оваа глобална криза и не само што ги превземавме сите мерки на нашата установа туку направивме се за да ја дигнеме јавната свест за сериозноста на оваа закана. Задолжените редари кои ги имавме таму ги опоменуваа присутните надвор кои повремено ги симнуваа маските за да се напијат пијалак или да запалат цигара, за повторно да ги вратат маските на лицето” – вели директорката на музејот на современа уметност.
Министерството за внатрешни работи постапува во врска со журката, на која учествувале голем број присутни, кои не носеле ниту маски ниту пак имало дистанца.
Се најавуваат казни за непочитувањето на мерките за заштита од ковид – 19, имајќи предвид дека според важечките мерки, забави со диџеј се уште се забранети.
Според сегашните протоколи забранети се масовни собири, задолжително е носењето маска на отворено и не е дозволено организирање настани со жива музика. Собирот пред Музејот на Македонија е во рамките на 13 то Меѓународно биенале на млади уметници „Страст за лутање“ во организација на МСУ кое почна во средата во Музејот на современа уметност, продолжи во четвртокот во Природонаучниот музеј, и изложба во Управата за хидрометеоролошки работи со музички перформанс на џез составот „Светлост“.
Нина Стефанова