Фудбалската федерација на Македонија е заробена, како што ни беше заробена и државата, рече премиерот Заев во интервју за весникот Коха, каде упати критики за начинот на кој претседателот на ФФМ Муамет Сејдини беше избран на функцијата и каде ја обвини ФФМ дека го крши Законот за спорт.
На нетранпарентен и строго контролиран начин, преку огромните милиони со кои располага ФФМ, буквално се менаџираат и купуваат делегати. Мислам дека не е слободно. Зошто? Заради тоа што собранието на ФФМ е спротивно на законот за спорт. Значи нешто кога се прави надвор од законот, тогаш е проблем. Сите федерации во државата го почитуваат законот за спорт, само фудбалската федерација не го почитува, тврди Заев.
Тој посочи дека според Законот за спорт, донесен во 2018 година, 50 проценти од делегатите во собранието на ФФМ се назначуваат од страна на клубовите, а на општинските фудбалски сојузи им отпаѓаат околу 10 проценти од делегатите.
Општинските фудбалски сојузи се застапени со 10 до 15 проценти, женскиот фудбал е застапен со 5 или 10 посто, тренерските организации, но доминираат со преку 50 проценти самите клубови. Тој закон е донесен 2018 година, сите ги адаптирале своите статути, фудбалската федерација тоа не го направи. Зошто? Затоа што избегнувајќи го законот, преку општинските фудбалски сојузи си поставуваат своите делегати, кои пак си го бираат својот претседател. Претседателот поставува свои делегати, кои пак го бираат својот претседател, тоа не е демократија, смета заев.