Дигитален документ или таканаречен „Грин-пас“ поврзан со Корона вирусот, а задолжителен за патување кај секој поединец кој сака да помине граница – од следната недела ќе се издава во земјава.
Сè уште не е прецизирано кој ќе го издава истиот, како и останатите детали. Вакцинираните во моментов добиваат потврда дека се вакцинирани веднаш по боцкањето, но мора да почекаат да го добијат тој дигитален меѓународен документ направен според насоките на Европската унија.
Како за споредба, ова е документот од таков тип кој се издава во соседна Србија. Овој сертификат за вакцинација содржи податоци за примена вакцина, за антитела или за направен PCR-тест.
Ваков ќе добијат македонските граѓани вакцинирани во Србија со Астра Зенека, бидејќи таму ќе мораат да ја примат и втората доза, затоа што македонските власти сè уште одбиваат да дозволат вакцинирање на помлади од 60 години со оксфордската вакцина. Повозрасните од нив, кои имунизацијата со двете дози ќе ја комплетираат овде во земјава, ќе го добијат тој „Грин-пас“, вели министерот.
Министерот денес пред пунктот за вакцинација во салата „Борис Трајковски“ задоволен што епидемиолошката состојба во земјава се подобрува.
Се ослободуваат болнички одделенија кои беа пренаменети како Ковид-центри. Во јавноста се зборува и за евентуалното попуштање на рестриктивните мерки.
Ако продолжат добрите трендови – властите ќе ги попуштат мерките околу задолжителното носење маски.
Во јуни е можно да се дозволи во угостителските објекти да се организираат и свадби и прослави. Се разбира со протоколи. Во меѓувреме се очекуваат и новите пратки на вакцини. Здравствените власти не очекуваат никакви проблеми со набавката на вакцините „Спутник“ по протерување на руски дипломат од земјата.
Во Македонија во моментов имунизацијата тече со добро темпо – е оценката на надлежните.
Пред пунктовите раздвижено – некои доаѓаат на прва доза вакцина, а некои веќе да ја добијат и втората. Имало и случаи на лица кои дошле на закажаниот термин, но не прифатиле откако дознале која вакцина ќе ја примат.
Потврда за тоа дека состојбата со Ковид во Македонија спласнува е извештајот и на Институтот за јавно здравје за периодот од 10 до 16 мај.
Речиси преполовен е бројот на нови случаи во однос на неделата пред тоа, или за 48,3 отсто, а за 38% е опаднат и бројот на смртни случаи.
Петар Догов